На 4 септември 2025 година, Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство заедно со Хелсиншкиот комитет за човекови права, организираше работилница на која официјално беше формирано мултисекторското тело за следење на случаи на фемицид и обиди за фемицид.
Работилницата се одржа во рамки на проектот „Опсерваторија за фемициди – превенција и мониторинг на фемициди и обиди за фемициди во Северна Македонија“, поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Проектот се спроведе од Националната Мрежата и Хелсиншкиот комитет за човекови права, во соработка со Министерството за правда, Советот на јавни обвинители, Јавното обвинителство, Судскиот совет, Министерството за внатрешни работи и Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Присутните учесници ја нагласија важноста на овој чекор за обезбедување системски и координиран пристап кон превенција и мониторинг на фемицидите.
На настанот, Елена Димушевска, Извршна директорка на Националната мрежа, ја претстави методологијата на Опсерваторијата за фемициди. Сузан Пенкса, заменик шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во своето обраќање нагласи дека иницијативата испраќа силна порака за обединетост на институциите во борбата против фемицидите. Дополнително, Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет потенцираше дека намалувањето на бројот на убиства и обиди за убиства врз жени е возможно само преку заедничка и координирана акција на сите надлежни институции.
Заклучокот од работилницата е дека заедничкиот ангажман и активната соработка ќе овозможат поефикасно следење на случаите, како и креирање политики за подобра заштита и превенција од родово базирано насилство.







