Интервентен женски фонд

Женски фонд
Женскиот фонд е формиран од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство во 2017 година, со цел да обезбеди итна и привремена поддршка за жени и девојки кои преживеале родово базирано и семејно насилство и се наоѓаат во социјален ризик. Фондот е создаден како одговор на реалната состојба во која многу жени не можат да ја напуштат насилната средина поради економска зависност, недостиг на безбедно домување и недоволна институционална поддршка.
Преку Женски фонд се обезбедува поддршка во два клучни програми кои ги раководи Мрежата: одржливост на специјализирани услуги за жени и деца жртви на на родово базирано и семејно насилство и, обезбедување привремена поддршка за домување и основни животни потреби.
Што поддржува фондот?
1.Одржливост на специјализирани услуги за РБН и СН
Фондот придонесува за континуирано функционирање на специјализираните сервиси за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство кои ги обезбедуваат организациите членки, како и извршната канцеларија на Мрежата. Овие услуги се само делумно финансирани од буџетите на локалната самоуправа и буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади, најмногу поради фактот што државата се уште нема развиено механизам за континуирана финансиска поддршка на специјализирани услуги раководени од граѓански организации. Ваквата состојба доведува до несигурност во обезбедувањето одржливост на услугите, дури и прекини во нивното функционирање.
Националната мрежа услугите ги обезбедува преку своите Женски центри за поддршка во Скопје, Тетово и Битола. Овие услуги вклучуваат:
- советување и поддршка од социјална работничка
- психосоцијално советување и поддршка од психолог/психотерапевт
- правно советување и поддршка и адвокатско застапување
- Кариерно советување и економско јакнење.
Специјализираните услуги кои ги обезбедуваат сите организации членки на Мрежата, може да се прегледаат на овој линк.
Поддршка за привремено домување
Обезбедувањето привремено и безбедно домување е еден од најкритичните чекори за жените кои ја напуштаат насилната средина. Преку фондот се покриваат трошоци за кирија и режиски трошоци, со што се овозможува непосредна безбедност и стабилност во периодот кога жената го започнува процесот на закрепнување и осамостојување.
Кој може да се обрати?
Во Женскиот фонд може да се обратат жени и девојки жртви на родово базирано и семејно насилство кои се материјално необезбедени, односно се невработени, или имаат ниски примања, примаат социјална помош, се самохрани мајки или се наоѓаат во ризик од бездомништво. Основен услов е лицето да е жена која преживеала насилство и сака да ја напушти или веќе ја напуштила насилната средина.
Средствата од фондот се доделуваат согласно утврден Правилник за користење на средствата од Интервентниот женски фонд.
За што може да се користат средствата?
Средствата од фондот се доделуваат согласно утврдени критериуми и процедура, со цел да стигнат до оние жени и девојки на кои навистина им се најпотребни. Поддршката може да се однесува на:
- храна и хигиена
- облека
- лекови и медицинска документација
- кирија и режиски трошоци
- други итни егзистенцијални потреби и сервиси.
Како може да се донира?
Во Интервентниот женски фонд може да донираат правни и физички лица кои сакаат да придонесат за безбедноста, закрепнувањето и осамостојувањето на жени жртви на насилство. Донациите може да се уплатат директно на сметката на фондот:
Сметка: 200003247799194
Банка: АД Стопанска банка Скопје
Зошто е важен фондот?
Кога жената ќе ја напушти насилната средина, потребна ѝ е итна и реална поддршка за да остане безбедна и да не биде принудена да се врати во насилство. Интервентниот женски фонд постои токму за тој критичен период — да обезбеди поддршка таму каде што системската помош е недоволна или доцни.

