Родителите прашуваат

Прашање:

Мајка сум на 3 годишно девојче за кое досега се грижев јас, но откако почнав со работа грижата за моето дете ја презема баба му. Планираме од септември да почнеме да ја носиме во градинка, па ме интересира како да проценам дали моето дете е подготвено за градинка и како можеме да ја подготвиме за полесно да се прилагоди на истата.

Одговор:

Тешко е да се даде еден одговор на прашањето дали детето е подготвено за поаѓање во градинка, бидејќи тоа е многу индивидуално. Некое дете може да биде подготвено и на 2.5 годишна возраст, а друго дете да не биде подготвено ниту на 5 години. Општо мислење е дека после 3-та година кај децата одвојувањето од родителите се одвива полесно, иако и овде постојат исклучоци. Воглавно, децата кои претходно се одвојувани од родителите, особено оние кои имале позитивно искуство од ова, полесно се прилагодуваат на градинката. Ова му помага на детето да сфати дека родителите одат на работа и дека е потребно некое време да помине без нив.

Некои општи знаци дека вашето дете е подготвено да тргне во градинка се:

  • Покажува самостојност (често бара да направи нешто само, без помош од друг);
  • На кратко останува во присуство на други возрасни (баби и дедовци, други роднини, пријатели и слично) без да се вознемири поради отсуството на родителите;
  • Покажува љубопитност и интензивно поставува различни прашања;
  • Успешно ги изразува своите желби, потреби и мислења пред возрасните;
  • Игра и комуницира со другите деца без посредство и присуство на родителите.

Поаѓањето во градинка е една нова и непозната ситуација за детето и претставува важна пресвртница во животот и на детето и на родителите. Привикнувањето на оваа новина е исто така многу индивидуално и зависи од самото дете, родителите и воспитувачите. Она што вие како родители можете да направите за да го подготвите вашето дете за поаѓање во градинка е да ја намалите непознатоста на оваа ситуација колку што можете повеќе. Во оваа насока, разговарајте со вашето дете за тоа што претставува градинката, кој ќе се грижи за него додека е таму и што тоа ќе прави таму. Кажете му на детето во кој дел од денот ќе биде во градинка, кој ќе го носи и кој ќе го зема, при што многу е важно да бидете точни кога го земате. Одговорете на сите прашања на детето поврзани со градинката. Овозможете му на детето неколку дена пред поаѓање во градинка да го запознае просторот на градинката и неговите воспитувачки. Распрашајте се и раскажете му на детето што точно ќе се случува на првиот ден во градинка.

Во овој период Вашето присуство е посебно важно, па доколку сте во можност првите денови Вие носете го во градинка и обидете се да одвоите повеќе време да бидете со него во периодот кога тоа не е во градинка. И за крај, многу е важно Вие да покажете смиреност и желба детето да се вклучи во групата, охрабрувајќи го секој негов чекор на одвојување од Вас.

Прашање:

Како да ставиме крај на борбите пред спиење и што би можеле да направиме за да стекнеме рутина на спиење кај нашето дете?

Одговор:

Клучниот термин во ова прашање е рутината. Јасните очекувања и предвидливите активности можат да ги убажат непријатните доживувања коишто детето ги имало во текот на денот. Давањето на наредби обично буди реакција на отпор, но кога вие и вашето дете заедно ги креирате рутините, тие се чувствуваат “главни”.
Ние ги препорачуваме следните рутини со цел да се олесни процесот на легнување во кревет на децата.
1. Играње – во оваа активност пожелно е да се вклучени повеќе членови од семејството. Препорачливи се друштвени игри без многу активност или пак активниот дел од играта да биде на почетокот.
2. Капење – топлата вода некогаш може да им помогне на децата да се опуштат и да се припремат за процесот на легнување.
3. Миење на заби – оваа активност може да се направи преку игра, кадешто сите членови на семејството меѓусебно си ставаат паста на четките. Оваа активност покрај создавањето на навика за хигиена може да допринесе и до зближување на членовите од семејството.
4. Читање на приказна – децата обожаваат да слушаат приказни. Можат истата приказна да ја слушаат безброј пати без да им биде досадна. Сепак, внимавајте да не паднете на нивните обиди за манипулација. Тие може да бараат да им прочитате уште една приказна, а после таа, уште една. Затоа добро е да воспоставите рутина по колку приказни ќе читате секоја вечер и да ја завршите рутината со тоа што ќе ја оставите книгата до креветот и ќе му кажете на детето дека утре ќе продолжите со читање на уште приказни.

Препорачуваме кога се воспоставуваат рутините атмосферата да е мирна, целото семејство да е присутно и да бидете доследни со активностите со цел да ги уживате бенефитите од овие рутини.

Прашање:

Мајка сум на 7-годишно дете. Во последните неколку месеци одбива да комуницира со мене. Често е повлечен и со тажен лик. Таквото депресивно расположение го забележала и наставничката во училиште. Можеби е развоен период, но сум загрижена сум и не знам како да постапам со цел да му помогнам?

Одговор:

Сфатете го своето дете, себеси и ситуацијата. Секој од нас понекогаш се чувствува депресивно. Постои разлика помеѓу тоа да се биде во депресивно расположение одвреме навреме и да се биде постојано во депресивно расположение. Кај децата депресијата може да биде показател дека се случува нешто вознемирувачко во нивните животи. Можеби некој ги злоставува или вознемирува, или, пак, доживеале отфрлање од нивните родители кои се зависници од алкохол. Важно е да набљудувате и да обрнете внимание на образецот. Доколку депресијата постојано се враќа, тогаш побарајте професионална помош за детето и за себе кај професионалец-психолог. Чувствата на детето се важен показател дека нешто сериозно не е во ред и треба да се обрне особено внимание и помош. Постојат и такви деца кои научиле да одглумат депресија за да добијат посебен третман и дополнително внимание.

Предлози

 

  • Бидете љубопитни. Поставувајте му на детето отворени прашања за тоа што се случува, како на пр.: „Се случува ли нешто поради што се чувствуваш лошо? Можеш ли да ми кажеш што е тоа?“, „Гледам едно тажно лице. Можам ли некако да помогнам?“
  • Понекогаш информациите од помалите деца можете да ги добиете така што ќе поставувате детски и наивни прашања или погодувајте како се чувствуваат: „Дали си лут/а затоа што мечето не сака да си игра со тебе?“, „Се обложувам дека знам зошто си тажен/а – затоа што денес сум заборавил/а да те скокоткам.“, „Несреќен/на си затоа што поминав повеќе време со сестра ти отколку со тебе, а ти сакаш повеќе да играм со тебе“
  • Бидете отворени. Не претпоставувајте дека знаете зошто вашето дете е несреќно. Родителите вообичаено претпоставуваат дека децата им се чувствуваат депресивно и нерасположено поради истите причини поради кои и тие се чувствуваат лошо.
  • Доколку дојде до развод или смртен случај, родителите често помислуваат дека поради тие причини нивното дете е несреќно, но кога ќе го прашаат што го мачи, можат да откријат дека можеби она што го сака е другарче со коешто би играле или пари за да купи некаква облека.
  • .Водете сметка дека она што често се вика депресија е всушност мешавина од чувства како што се: болка, бес, вознемиреност, омраза, страв, беспомошност итн.
  • Дајте им важност и не ги упростувајте нивните емоции.

      Без оглед на тоа дали вашето дете се чувствува депресивно или не, одржувајте отворена комуникација со него. Важно е да им се даде до знаење дека имаат дозвола да ви кажат како се чувствуваат, а притоа да не бидат исмевани или да им се каже дека тоа што го чувствуваат не треба да го чувствуваат. 

Прашање:

Здраво, мојот син има 12 години. Во последно време не сака да комуницира со мене и никогаш не сака да ме слуша што и да му кажам, смета дека секогаш е тој во право. Би сакала да знам како да воспоставам комуникација со него и да му покажам разбирање, во овој тинејџерски период?

Одговор:

Голем предизвик е да се даде одговор на ова прашање, земајќи предвид дека секоја индивидуа е различна и го следи својот уникатен начин на раст и развој. Вашата загриженост и потребата да бидете блиска со Вашето дете е потполна разбирлива. Во оваа развојна фаза тинејџерите ја вежбаат и ја истражуваат својата независност, градат нови пријателски и романтични врски, па времето поминато со родителите се намалува, честопати ова ја намалува комуникацијата со своите родители. Меѓутоа, како и секој друг период, и овој развоен стадиум е од исклучителна важност за секоја индивидуа. Тешкотиите во комуникацијата се еден предизвик во надминување на фазата на пубертет, и се од исклучителна важност за градење на здрав однос помеѓу родителот и тинејџерот.

Ова се неколку совети како да воспоставите комуникација со Вашиот тинејџер:

  • Активно слушајте: Слушањето е важен дел од комуникацијата. Кога Вашиот тинејџер зборува, обидете се активно да го слушате без да го прекинувате.
  • Бидете отворени и искрени: Обидете се да комуницирате со нив отворено и отворено да ги изразите Вашите барања и очекувања. На овој начин ќе го охрабрите Вашето дете да постапува исто кон Вас.
  • Покажете емпатија: Ставете се во чевлите на тинејџерите и разберете го нивниот поглед на работите. Ова ќе помогне полесно да комуницирате со нив и да изградите посилна врска.
  • Избегнувајте критика и осуда: Критиката и осудата кон тинејџерите може да ги направат да се однесуваат одбранбено и да бидат помалку склони кон тоа да ве ислушаат. Наместо тоа, обидете се да комуницирате без осудување и критики.
  • Покажете им дека ги почитувате и разбирате нивните мислења, идеи и ставови. На овој начин отворате ново поле во кое тинејџерите ќе сакаат и ќе бидат поттикнати да комуницираат со вас.
  • Поставете граници: Важно е да оставите јасни граници и правила за Вашите тинејџери, но направете го тоа применувајќи ги горенаведените совети.

Периодот на тинејџерство е предизвик за сите тинејџери, но и за секој семеен систем. Овој период е значаен во животот на секој тинејџер, затоа што го означува преминот од детство во зрелост и вклучува различни физички, емотивни, хормонални и психолошки промени. Во овој стадиум тинејџерите се откриваат и се бараат себеси, го градат својот идентитет, па нормално е да настанат тешкотии во комуникацијата со Вашите деца. За секој родител, наставник и негувател може да биде предизвикувачки да воспостави комуникација со своите тинејџери, но преку обезбедување точни информации, емотивна поддршка и отворен дијалог, комуникацијата може да се подобри. Таа е од исклучителна важност за секој однос, а во овој случај, за односот помеѓу родител и тинејџер.

Прашање:

Родител сум на десет годишно дете. Загрижен сум бидејќи се почесто времето го поминува играјќи игри и гледајќи видеа на смартфон – кога ќе се врати од училиште и за време на викендите. Мислам  дека  со прекумерното користење на смартфон почнува да ги запоставува другите важни нешта за неговата возраст. Како да постапам?

Одговор:

Користењето на смартфони од страна на децата е се почеста и позагрижувачка тема за родителите. Иако смартфоните имаат голем број предности, тие несомнено можат да имаат негативно влијание на развојот и здравјето на децата. Прекумерното користење смартфон може да  има негативен ефект врз развојот на социјалните вештини и емоционалната интелигенција кај децата. Смартфоните содржат многу интерактивни и забавни елементи кои предизвикуваат зависност и го одвлекуваат вниманието од секојдневните задачи. Неправилната позиција на телото при користење на смартфон може да предизвика проблеми во физичкото здравје. Долгите часови поминати на смартфон се одразуваат и на времето за одмор и релаксација, а со тоа и на когнитивната ефикасност кај децата итн.

Ако се загрижени дека вашето дете прекумерно користи смартфон, важно да го направите свесно за потенцијалните негативни последици и да го поддржите да развие здрави навики на користење на технологијата.

Во прилог се наведени неколку совети кои може да ви помогнат во оваа ситуација:

  • За почеток ограничете го времето кое вашето дете го поминува на смартфон на помалку од еден час во текот на денот, користењето нека се одвива секогаш во исто време
  • Испланирајте ги дневните активности, пополнетиот детален распоред го пренасочува фокусот кон вистински важните нешта во текот на денот. Давајте задачи, ангажирајте го вашето дете да ви помогне околу домашните обврски или грижата за помалите деца
  • Истражете ги интересите на вашето дете, започнете со развој на ново хоби, особено е важна физичката активност
  • Времето минувајте го во квалитетна интеракција, социјализација со пријатели, друштвени игри, заеднички активности
  • Избегнувајте да користите смартфон пред него, заедно со останатите членови на семејството
  • Избегнувајте да го наградувате за посакуваното однесување со користење на смартфон, пронајдете алтернативни начини за наградување

Јасно е дека употребата на смартфоните стана неизбежна во современиот свет и дека тие се извор на посебна љубопитност кај децата. Совесното, одговорното и соодветно временски ограниченото користење на смартфоните може да им помогне на децата да ги користат без да има штетни последици по нив. Истрајноста и константноста во поставувањето на правила за користење на смартфон и настојувањето детето да се држи до тие правила може да биде долготраен и успешен начин во справување и регулирање на тенденцијата за негово користење. Дополнителното преземање на чекори за планирање на дневниот распоред и квалитетна организација на слободното време може уште повеќе да придонесе да се постигне оваа цел.