Вовед во позитивно родителство

Родителството може да не натера размислиме за видот на врска што што сакаме да ја создадеме со  детето и да размислиме за нашите родителски приоритети и за тоа како да ги избегнеме грешките во начинот  на воспитување, кои најчесто се последица од личните искуства и семејното живеење. Повеќето родители, при растењето на своите деца, се потпираат врз сопствените инстинкти или лични искуства кои понекогаш можат и да помогнат. Кога родителот прави грешки во воспитувањето на своето дете, тоа не е поради недостаток на љубов, туку поради незнаење на поефективни форми на воспитување. Грешките направени поради незнаење мноу често се поврзани со информации и знаења на родителот кои му помагаат, но кои понекогаш може да го однесат во погрешна насока.

Позитивно родителство е кога родителот постапува тргнувајќи од интересите на детето, ненасилно се однесува кон детето, ги признава ги почитува неговите права, го насочува, му покажува многу љубов но и поставува граници со цел овозможување на негов целосен развој.

Родителството  се учи. Тоа е како да почнете да се занимавате со нова професија, како патување со детето за целиот живот, поради што е неопходно добро да го запознаете патникот со кој ќе патувате низ животот. Потрудете се патувањето да ви биде уживање, а родителството како  професија  да ви биде предизвик со секојдневни успеси.

 Позитивно родителство се темели на пет основни принципи:

  1. Поврзаност
  2. Почитување
  3. Проактивно родителство
  4. Емпатично водство
  5. Позитивна дисциплина

Поврзаноста се заснова на теоријата на атачмент и има свое биохемиско ниво  во развојот. Поврзаноста исто така има влијание на:

-начинот на кој ќе ги градиме нашите идни односи и релации;

-јакнење или намалување на нашата способност да бидеме фокусирани, свесни за сопствените чувства и како да останеме присебни, прибрани;

-развивање на способност за надминување на личните неуспеси, како и животните проблеми

Почитување

Позитивото родителство претставува љубов, емпатија, почитување на личноста на детето и воспоставување правила и граници за долготрајни решенија.

Истражувањата покажуваат дека кај децата што добиваат адекватна љубов и имаат грижлив родител повеќе ќе се развие делот од мозокот (хипокампусот) кој е одговорен за меморијата, учењето и справувањето со стресот. Значи, кога родителот е грижлив и позитивен, тогаш тоа позитивно влијае на развојот на мозокот на детето.

Проактивно  родителство

Реактивниот родител е импулсивен, додека пак проактивниот родител ги контролира сопствените реакции и однесување. Проактивниот родител однапред планира како да реагира во одредена ситуација. Неговите реакции се контролирани и се во согласност со развојните потреби на детето, што му овозможува успешно справување со проблемите во зависност од ситуацијата.

Емпатично водство

Емпатичниот родител ги  разбира потребите на детето и му помага тоа да се чувствува сакано, слушнато и разбрано. Притоа родителот истовремено се држи до воспоставените граници и правила. Однесувањето на родителот спрема детето одговара на детската потреба за љубов, емоционална топлина, сигурност, припадност, поврзаност и прифаќање. На детето му е потребна грижата од страна на родителот како сигурна база од која ќе може да го истражува светот и во која ќе може да се врати кога ќе почувствува замор, тага, страв или некоја друга непријатна состојба или емоција. Емпатичен не значи и попустлив родител, бидејќи емпатичниот родител сè уште има водечка улога во односот родител – дете. Всушност, голема штета би било за детето да не постои компетентен лидер, кој ќе го води низ патувањето во големиот, нов и непознат свет. Овој компетентен лидер е токму емпатичниот родител.

Позитивна дисциплина

Целта на позитивната дисциплина е да го научи детето како да ги контролира импулсите и однесувањето, како да учи нови вештини, како да ги поправи грешките и да гради механизми за решавање проблеми заедно во комуникација со родителот.

Комуникацијата во позитивното родителство се одвива преку пофалби и награди на посакуваното однесување на детето, а игнорирање на непосакуваното однесување во ситуации кога детето не го загрозува своето здравје и живот.

Децата треба да се поттикнуваат на одговорност преку позитивна комуникација Осамостојувањето на детето и неговиот развој во автономна личност, личност со сопствени вредности и ставови е цел на одговорно и позитивно родителство. Значењето на чувството за припадност, сигурност, поврзаност, прифаќање, емоционална топлина, адекватна комуникација со детето преку водство и воспоставување граници од страна на возрасниот ќе му помогне на родителот преку краткорочните да ги постигне и долгорочните цели во грижата и воспитувањето на детето. Притоа, детето ќе развие сопствен модел на вредности, вештини за решавање на проблеми, но истовремно и  прифатливо однесување и дисциплина.

Дисциплината е употреба на  родителски алатки за да се учат децата на самоконтрола. Самоконтролата едноставно кажано е способност да контролираат  активности без оглед на надворешните случувања. Сепак дисциплината во поголема мера е постоењето на вистинска врска, поврзаност, атачмент со детето, отколку да ги имате правите техники за дисциплина.

Дисциплината е процес на учење, може да се спроведува само кога сме/сте смирени и кога сте во можност да имате контрола врз вашите мисли, емоции т.е. истите да бидат во склад и да бидете во контакт со тоа што се случува во вашето тело. Однесувањето да биде под контрола на свесните и волеви механизми на телото.

Позитивната дисциплина може да се применува преку четири чекори:

  1. Бидете сигурни дека децата ги разбираат правилата и можните последици од нивното кршење;
  2. Помогнете им на децата да дознаат како да донесуваат одлуки што им помагаат да се придржуваат до правилата, а во исто време тоа да бидат работи кои уживаат да ги прават, го стимулираат процесот на учење и ја поттикнуваат нивната креaтивност;
  3. Се применуваат последици кои на децата им се јасни дека потекнуваат од непочитување на правилта, ако е потребно. Секогаш заедно со детето проверувајте и анализирајте ги правилата и зголемувајте ги очекувањата пред да ги примените последиците.
  4. Воспоставете ја врската преку вршење активности за градење врски. Прошетајте заедно. Одете на сладолед. Читајте книга.


За крај можеме да заклучиме дека позитивното родителство е создавање позитивна и поддржувачка околина во која главно доминантно чувство е љубовта која им овозможува на децата да растат и да се развиваат во возрасни кои кога ќе се свртат од другата страна, кога ќе бидат родители, ќе можат да ги пренесат истите овие алатки на следната генерација.

Повеќе за позитивното родителство може да прочитате тука