Психолошко советување и поддршка

Психолошката помош и поддршка ја обезбедува лиценцирана психотерапевтка кој е ангажирана во Советувалиштето за жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство. Преку индивидуални континуирани сесии, им се овозможува на жените кои сакаат да го прекинат кругот на насилство, да го напуштат или доколку веќе го напуштиле насилниот партнер, да се зајакнат, да ги надминат преживеаните трауми и да го променат дотогашниот начин на живеење.

Процесот на помош и поддршка се остварува преку одржување редовни индивидуални средби со динамика која најмногу и одговара на жената. На средбите се разговара за теми кои се од важност за жената, се работи на стекнување вештини и знаења за подобрување на самопочитта и самодовербата, се учат нови начини на функционирање преку кој жената ќе може да живее активно и достоинствено, да избира партнери кои ќе одговорат на нејзините потреби и со кои ќе може да развива интимни релации базирани на почитување и поддршка.
Преку разговорите со психотерапевтката ќе се добијат информации за природата и потеклото на семејното насилство, за човековите права, за можностите за справување и излегување од кругот на насилството, враќање на чувството на безбедност, како и поттикнување и насочување на клиентката да научи повеќе за себе и да работи на сопственото унапредување и развој.

Психолошкото советување е особено потребно на почетокот, но исто толку важно е да постои во целиот период на закрепнување на жртвата, која се соочува со нови предизвици кои произлегуваат од новата средина на живење, ново работно место, како и нејзино информирање за сите права и обврски кои ги има, со цел за нејзина подготвеност за целосно самостоен живот, со целосно исклучување на ризикот да се врати во насилната средина или да западне во нова насилна врска. Промената на сликата за себе и зголемување на самодовербата е клучен фактор во превенирање на насилството и излегување од улогата на жртва.

Средба со психологот/психотерапевтот може да закажете на 075 255 154, секој ден од 8.30 до 16.30 часот.
e-маил: sovetuvaliste@glasprotivnasilstvo.org.mk

Повеќе информации за психолошката помош и поддршка може да најдете тука.