Врсничко насилство – Како да препознаам дека моето дете е жртва на булинг?

Булингот е сериозна појава која може негативно да се одрази на многу деца во претшколските и школските установи и воопшто во врсничките групи надвор од училиштето. Булингот може да се појави во повеќе форми и честопати да не биде препознаен како таков. Децата кои се изложени на булинг од нивните врсници често се чувствуваат изолирано, исплашено и помалку вредно. Тие може да се соочат со појава на анксиозност, депресија и разнишување или намалување на самодовербата. Во некои случаи, булингот може да доведе дури и до посериозни форми на самоповредување.

Има бројни концепти и дефиниции за појавата на булинг, една од нив е дека булингот претставува еден вид на континуирана и намерна злоупотреба на моќта во релациските односи преку повторувачко вербално, физичко и  социјално повредување или нанесување штета на некој поединец или група.

Булингот може да се јави во повеќе форми, може да биде: физички, вербален, социјален, а во поново време и сајбер булинг. Некогаш е очигледен и забележлив, а некогаш суптилен или скриен. Во многу случаи децата нема директно да ви соопштат дека им се случува булинг поради присуството на страв од оној кој врши булинг или поради чувството на срам и немоќ да се справат со тоа.  Тоа ќе биде забележливо по некои други одредени индикатори како повреди, гребаници, исекотини, модрици на телото; искината или валкана облека; губење секојдневни омилени предмети; промена во дневните рутини (спиење, јадење, способност за концентрација)ч отпор кон одредени места и ситуации кои носат потенцијал за булинг; појава на анксиозност, депресивност, иритабилност и промени во расположението;  агресивно однесување кон врсниците и возрасните; повлекување во себе или социјално изолирање; појава на соматски симптоми како главоболка, болка во стомак, повраќање; обиди за самоповредување; намалување на училишниот успех; одбивање  да се оди во училиште, менување на патеката што води до училиште; доаѓање дома гладен; нарушување и намалување на самодовербата; самоповредување, самодеструктивно однесување и ред други показатели…  Појавата на еден или повеќе индикатори потребно е да не  се игнорира, туку да се увиди, утврди и прифати нивното постоење, без негирање, минимизирање и нормализирање на тоа што се забележува или случува во моментот.

Некои деца се повеќе склони кон булинг за разлика од други деца. Зошто е тоа така? Знаењето кои деца се поподложни на булинг може да ни помогне да создадеме средина во која ќе можеме да го спречиме или совладаме истиот. Децата кои по некоја физичка карактеристика или изглед се поразлични од другите деца, деца кои се соочуваат со физичка или сензорна попреченост, имаат поинаква религиозна определба или  расно потекло од групата, деца кои имаат потешкотии со самодовербата поради семејно стресни ситуации или  недостаток на поддршка, деца кои се соочуваат со предизвици на полето на менталното здравје, деца кои го привлекуваат позитивно внимание со своите успеси, деца кои се интровертни или имаат малкумина пријатели, деца кои се нови во врсничката група или училиштето, адолесценти со поинаква сексуална ориентација … итн.

За булинг се зборува често. Колку повеќе истражуваме, се информираме, распрашуваме и разменуваме мислења, толку повеќе ќе бидеме вешти во препознавањето на булингот како редовна појава во училиштата и надвор од нив со цел понатаму да преземеме чекори и стратегии за активно и одговорно справување со него. Еден од начините да го направиме тоа е да придонесеме во создавањето на сигурна и безбедна средина во домовите и училиштата и да обезбедиме едукација на децата за тоа што претставува булингот и  што можат да направат да се заштитат од него.

Пишува: Радмила Јовановска, психолог, психотерапевт во едукација и операторка на Линијата за родители

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости

Јавен повик за суб-грантирање на женски граѓански организации Бр. 01/03/25

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, во рамките на проектот „Институционализирање на квалитетни услуги за рехабилитација и реинтеграција на жртви од насилство II“

Унапредување на услугите за жртвите на сексуално насилство и силување – прва средба на Работната група

На 13 март, се одржа првата средба на Работната група формирана од Министерството за здравство која ќе работи унапредување и имплементација на стандардната оперативна процедура

Јавен повик за истражувачки

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство во рамките на проектот „Институционализирање на квалитетни услуги за рехабилитација и реинтеграција за жени жртви на