Со цел одбележување на почетокот на глобалната кампања „16 дена активизам против насилство врз жени и девојчиња“, ОБСЕ одржа централен настан на 24-ти Ноември 2024г. Настанот го отвори шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Килиан Вал кој изјави:
„Насилството врз жени и девојки не може да се искорени само со правни лекови, ниту пак со изолирани кампањи за свест. Наместо тоа, ние сите мора да се ангажираме: институции, итни служби, училишта, родители, девојчиња и момчиња, жени и мажи од сите заедници како и граѓанското општество,“ изјави шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Килиан Вал.
Извршната директорка на Националната мрежа, Елена Димушевска беше една од говорничките на настанот, која исто така ја потпиша и „Декларацијата на намери“.
Меѓу потписниците на Декларацијата се проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, претседателка на Република Северна Македонија, проф. д-р Весна Јаневска, министерка за образование и наука, претставници на локални училишта, младински организации и невладини организации активни во борбата за ставање крај на насилството врз жените.
Со потпишувањето на Декларацијата се прави клучниот прв чекор. По оваа декларација ќе следат конкретни дејствија како што ги развиваме иницијативите за јакнење поединци, училишта, младински клубови како и широка мрежа на организации и институции сплотено да се исправат и делуваат во борбата против насилството.