Тантруми при тргнување во градинка – Како да се справиме ?

Тргнувањето во градинка е важна пресвртница во животот на детето, а и на родителите. Тоа претставува важен чекор во осамостојувањето на детето- многу деца за прв пат се одвојуваат од семејството и родителите на подолг временски период. Тргнувањето во градинка подразбира средба со нова средина, непознати возрасни лица, голем број на врсници, нова храна, нова дневна рутина, нови правила на однесување и слично. Наеднаш детето од „центар во светот“, станува „едно од многуте во светот“. Сето ова вклучува многу нови, непознати и фрустрирачки моменти кои за детето претставуваат стресна ситуација. Поради ова многу деца реагираат со страв и отпор према одењето во градинка.

Секое дете се навикнува и прилагодува на овие новости, односно поминува низ процес на адаптација. Овој процес на адаптација е многу индивидуален и зависи од самото дете (неговата возраст, психофизички развој, лични особини, здравствена состојба и слично), како и од родителите (нивната подготвеност за одвојување од детето и начинот на кој се справуваат со истото) и воспитувачите (нивните лични особини и професионални вештини и способности). Кај некои деца адаптацијата се одвива лесно, тие брзо се вклопуваат во групата и за две до три седмици се прилагодуваат на животот во градинката. Но, постојат деца кај кои овој процес се одвива подолго и при тоа се соочуваат со поголeми тешкотии, проследени со низа негативни процеси.

Еден од негативните процеси кои може да се појават (или засилат) во периодот на адаптација на градинката, а истовремено и да ja отежнат, се тантрумите. Станува збор за чести и непријатни сцени на интензивен излив на емоции кои можат да се појават во различни ситуации. Најчесто се јавуваат после втората година, а најкарактеристични се за деца помеѓу третата и четвртата година, периодот кој за многу деца се поклопува со тргањето во градинка. На оваа возраст, поради незрелост на нервниот систем, децата не се во можност да ги регулираат своите емоции и не се во состојба сами да се смират кога ќе се вознемират. Поради ова лесно е да се преплават со емоции, особено кога некои од нивните основни потреби не се задоволени (потреба за сон, одмор, храна, поврзаност, самостојност). Најчести емоции кои се јавуваат во тантрумите се лутина, бес, разочарување и гнев, а нив детето ги изразува преку плачење, вриштење, дерење, легнување на под, самоповредување, трескање, неконтролирано трчање, бегање и слично. Тантрумите се јавуваат во ситуации во кои детето се чувствува фрустрирано, и тоа најчесто поради неможноста со зборови да ги изрази своите чувства, неможноста да направи нешто самостојно (бидејќи се’ уште нема доволно развиени вештини за тоа) или чувството на немање доволно контрола над ситуацијата (другите не ги задоволуваат неговите желби и барања).

Како да му помогнете на Вашето дете кога доживува тантрум?

  • Обидете се да останете смирени. Колку и да Ви звучи ова тешко, во ваква ситуација најдобро и најкорисно за Вас и Вашето дете е да останете смирени без оглед колку во тој момент сте преплавени со незадоволство и непријатност. Со Вашата смиреност му покажувате на детето што значи ефикасна саморегулација на емоциите и му давате можност да ја развива и кај себе.
  • Останете присутни. Бидете со Вашето дете додека трае тантрумот. Со ова покажувате блискост, му покажувате дека ви е важно, дека го прифаќање и дека го сакате и во тој момент. Ова е важно за неговата сигурност. Во овие моменти можете да се спуштите на ниво на детето и при тоа да молчите или тивко да зборувате дека се’ ќе биде во ред и дека се ‘ ќе помине. На крај можете да му понудите да го гушнете, што дополнително ќе го смири и ќе го осигура дека се’ е во ред. Кога тантрумот ќе помине, смирено можете да поразговарате со детето околу неговите чувства и потреби.
  • Зачувајте ги Вашите граници и бидете доследни во одлуките. Многу е важно да останете на својата одлука, без оглед на бурната реакција на Вашето дете. Со секое попуштање пред своето дете праќате порака дека тоа е начинот на кој може да го добие тоа што го сака и го учите дека со пискање, вриштење или удирање по под може да ги оствари своите цели. На овој начин овие развојни тантруми можат да прераснат во манипулативни кои детето ги користи свесно и со намера за да дојде до нешто што го посакува, карактеристични за децата над четвртата/ петтата година.
  • Имајте разбирање за вашето дете. Тантрумот не значи дека Вашето дете е безобразно, невоспитано или дека Вие сте лош родител. Тантрумот значи дека Вашето дете е преплавено со емоции за кои се’ уште нема развиен невролошки капацитет да ги регулира, дека има некоја потреба која не му е задоволена и се’ уште не знае на правилен начин да ја искаже и дека му е потребен некој кој е смирен, кој ќе го разбере и ќе го научи како да се смири.

Како можете да го спречите (или намалите) појавувањето на тантруми кај Вашето дете?

  • Избегнувајте ситуации за кои знаете дека може да доведат до емоционални испади;
  • Комуницирајте со своето дете со говор прилагоден на негова возраст, но без потценување на неговата способност да ги разбере Вашите објаснувања;
  • Именувајте ги неговите потреби и емоции. На овој начин му давате на знаење дека го разбирате и истовремено му помагате да научи како тоа самото да ги препознава и именува своите потреби и емоции;
  • Обезбедете дневна рутина и придржувајте се до истата. Тоа дава предвидливост на дневните настани и помала изложеност на неочекувани ситуации кои може да имаат преплавувачки ефект врз Вашето дете;
  • Овозможете му на детето да има одредена контрола врз случувањата. Ова му дава некаква контрола врз сопствениот живот и му помага да се чувствува доволно големо и уважено;
  • Потрудете се основните потреби на Вашето дете да бидат редовно и на време задоволени;
  • Смирено потсетете ги повозрасните деца дека своите фрустрации можат да ги искажат и на друг начин- со зборови, наместо со вриштење.

За крај, многу е важно во овој процес да покажете разбирање и поддршка и за себеси. Потсетете се дека ова е тежок и непознат процес и за Вас како родител (не само за вашето дете) и дека правите се’ што знаете и умеете како би му помогнале на Вашето дете да помине низ овој процес кој е природен и минлив. Доколку не сте задоволни од начинот на кој сами се снаоѓате со овој предизвик, можете да побарате помош од стручно лице кое ќе Ви помогне и ќе Ве насочи како поуспешно да се носите со овој предизвик низ кој поминуваат многу родители и деца.

Пишува: м-р Билјана Пешова, психолог, операторка на Линијата за родители

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости

Реакција: Платформата за родова еднаквост најостро го осудува говорот на омраза во предизборниот период

Пред почетокот на предизборната кампања за претстојните парламентарни и претседателски избори, Платформата за родова еднаквост ги повикува и партиите и нивните приврзаници да покажат демократски

Реакција: Личното и интимното е загрозено преку дигиталното родово-базираното насилство кое станува сè поопасно!

Злоупотребата и нарушувањето на личниот, интимен простор станува сè поизразено преку дигиталното родово-базирано насилство. Изразуваме особена загриженост и остро реагираме на последните родово-базирани напади во