Промоција на “Анализа на состојбата и обезбедување на оддржливи услуги за помош и поддршка на жени жртви на родово базирано насилство”

Денес, во просториите на општина Кавадарци, сала за состаноци беше одржана промоција на “Анализа на состојбата и обезбедување на оддржливи услуги за помош и поддршка на жени жртви на родово базирано насилство” во која се опфатени 4 општини – Кавадарци, Росоман, Неготино и Демир Капија, подготвена од нашата партнерска организација Здружение за родова еднаквост Визија Кавадарци.

Целта на анализата е преку преглед на националните и локалните политики, како  и достапноста на постоечките услуги за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство, да даде слика за состојбата по ова прашање во Тиквешкиот регион.

Наодите од спроведената анализа покажуваат дека недостасува системски пристап  во справување со проблемот на насилство врз жени и семејно насилство. Жртвите на родово базирано и семејно насилство не се препознаени како посебна ранлива категорија во програмите за социјална заштита во овие општини, и не се предвидени мерки за нивна заштита  и поддршка. Единствено е предвидена парична помош за жртви на семејно насилство која не се искористува поради непостоењето на барања за ваков тип на поддршка.

Во овој регион, постои само една специјализирана услуга, Женски центар за поддршка Кавадарци кој е всушност и првиот регионален советувалиштен центар за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство. Центарот е финансиски поддржан од општините Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман, а раководен од женска граѓанска организација ВИЗИЈА од Кавадарци. Центарот е отворен во септември 2022 година и се обезбедени средства  за негово функционирање за период од една година.

Во Тиквешкиот регион не постои засолниште – центар за згрижување на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство, а според минималните стандарди на Совет на Европа кои  ги препорачува и Истанбулската конвенција, треба да постои засолниште со најмалку 7 семејни места согласно бројот на жители (едно семејно место опфаќа мајка со просечен број на деца).

Понатаму, во регионот не постои ни центар за жртви на сексуално насилство и силување за чие што воспоставување и раководење е одговорно Министерството за здравство.

Целата анализа достапна само на македонски јазик и може да се прочита на следниот линк.

Документот е подготвен во рамки на проектот „Застапување за обезбедување на одржливи услуги за помош и поддршка на жени жртви на родово базирано и семејно насилство во општина Кавадарци и Росоман” на Здружение за родова еднаквост „Визија„ – Кавадарци во склоп на проектот На пат кон ЕУ: Спречување на насилството врз жените во Република Северна Македонија“ финансиран од Фондацијата Квина тил Квина (The Kvinna till Kvina Fondation), а имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости