Придонес на Националната мрежа во процесот на усогласување на Кривичниот Законик со одредбите од Истанбулската конвенција

Иако Владата на РСМ во изминатите неколку години започна поактивно да соработува со граѓанските организации, да ги вклучува во процесите на креирање закони и политики, како и да ги зема предвид препораките од подготвените документи и анализи, сепак тоа не се случи со процесот на измени и дополнувања на Кривичниот законик. Имено, се формираше затворена работна група во рамки на Министерството за правда, во која не беше поканета да учествува ниедна граѓанска организација. По повеќе од една година, во јули 2021,  работната група го достави до Владата првиот предлог документ со измени и дополнувања на КЗ, кој во основа нудеше предлог измени во насока на усогласување со Истанбулската конвенција, но постоеше простор за унапредување.

Поттикнати од можноста да придонесеме кон подобар предлог текст, организиравме средба со организациите членки на Националната мрежа и Платформата за родова еднаквост на која беа договорени барањата за измени за кои ќе застапуваме како граѓански организации. Два месеци подоцна, во Ноември 2021 година, организиравме и средба со Клубот на парламентарки на кој беа презентирани бараните измени и дополнувања. По деталната презентација на предложените измени, како и ставот на граѓанските организации за унапредување на заштитата на жените жртви на родово базирано и семејно насилство, присутните парламентарки се согласија дека унапредување и дополнување на предложените измени на Кривичниот Законик се потребни.

Како заклучок од средбата  произлезе потребата за организирање јавна расправа, која по покана на претседателката на комисијата за еднакви можности на жените и мажите проф. Гордана Силјановска, беше одржана во декември 2021 година. На јавната расправа свое обраќање покрај Министерот за правда, г-н Бојан Маричиќ, имаше и претставничката од Националната мрежа, правна експертка Ана Аврамова Нушкова. Подготвениот документ со барање за измени и дополнувања на предлог текстот изработен од работната група во рамки на Министерство за правда беше доставен во печатена верзија со сите присутни на јавната расправа, а следниот ден и до сите пратеници и други релевантни чинители. Процесот продолжи и во текот на 2022 година.

По покана на парламентарките, две претставнички од тимот на Националната мрежа – извршната директорка Елена Димушевска и правната експертка Ана Аврамоска Нушкова, работеа заедно со нив на драфтирање на амандманите за бараните измени и дополнувања на предлог текстот на Кривичниот законик. Иако првично беше планирано измената на КЗ да биде на дневен ред во Собранието во март 2022 година, сепак процесот беше одложен и првото читање се случи во ноември истата година, кога и беа изгласани дел од предложените измени. Во декември беше закажано и второто читање, а тимот на Националната мрежа заедно со парламентарките подготвија нови амандмани кои во име на Клубот на пратенички беа поднесени до Комисијата за европски прашања.

Дел од поднесените измени беа изгласани на второто читање, односно покрај новите дефиниции за родово базирано насилство и насилство врз жени, жртва на родово базирано насилство, и дополнетата дефиниција на семејно насилство, беше прифатено барањето за усогласување на кривичното дело силување со одредбите од Истанбулската конвенција и вклучување на силување во брак/од интимен партнер како потежок облик на основното дело. Понатаму, беше изгласано воведување на три нови кривични дела – демнење, женско генитално осакатување, и сексуално вознемирување во кое е вклучено и начинот на вршењето на ова дело преку интернет и другите средства за електронска комуникација. Многу значајно е и дополнувањето на кривичното дело убиство во кое дело како потежок облик е предвидено убиството врз жена или девојче до 18г при вршење на родово базирано насилство.

Предлог измените на кривичниот законик беа усвоени на седница на Собрани која се одржа на  13 ти февруари и истите беа објавени во Службен Весник на РСМ на 17 ти. Овие измени на КЗ стапија на сила на 25 ти февруари 2023.

Овие измени иако значат унапредување на Кривичниот законик, сепак на носат целосно усогласување со одредбите на Истанбулската конвенција. Просецот ќе продолжи и во годината што доаѓа, а тимот на Националната мрежа подготвува нов документ со преостаните измени и дополнувања кои се потребни да се усвојат за целосно усогласување на кривичниот законик.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости