Предизвици со кои се соочуваат родителите кога кај нивните деца има доцнење во развојот

Доцнењето на говорот кај децата денес станува се позачестена тема помеѓу родителите и стручните лица.

Зошто моето дете сеуште не зборува?


Се е во ред со моето дете, но сеуште не зборува?


Дали моето дете заостанува во целокупниот развој или само во говорот?


Моето дете е поразлично од останатите, дали доцни во развојот?

Ова се некои од прашањата кои ги мачат родителите кои што се соочуваат со доцнење во развојот кај нивните деца.


Прво да дефинираме што значи доцнење во развојот кај децата.

Доцнење во развојот значи задоцнето постигнување на очекуваното развојно ниво за возраста, во физичката, когнитивната, говорната или социо-емоционалната сфера на развојот. 
Оние родители кои што се сомневаат за задоцнет развој кај своето дете обично се препраќаат кај дефектолози и психолози кои задаваат развојни тестови со цел да се следи развојот на детето.

Понизок скор на развојните тестови во овој случај не значи давање на детето некаква дијагноза, туку е ориентација во неговата состојба и можеби упатување на подетални медицински испитувања, кои ќе ја разјаснат истата. Доцнењето може да биде во една област, или глобално доцнење (за да го наречеме глобално, треба да се евидентира во минимум две сфери). Со соодветна, навремена интервенција детето го надминува проблемот и се развива во правец на нормалниот, очекуван развој.

Вообичаено родителот е тој кој прв ги забележува отстапувањата кај сопственото дете врз основа на неговa споредба со врсниците.  Тие забележуваат дека нивното дете е побавно од другите или едноставно не е како другите деца, не зборува или пак зборувањето е отежнато и со пречки. Може да се сомневаат на оштетен вид или слух кај детето. Некои од родителите пак се загрижени за тоа што нивното дете не може да совлада одреден материјал во училиште кој што другите дечиња без проблем го совладуваат, па оттука се сомневаат дали нешто не е во ред со нивното дете. Некои од нив потенцираат проблем во концентрацијата и можноста да се фокусираат децата на одредена задача. Ова се најчестите предизвици со кои се соочуваат родителите чие дете е со задоцнет развој.
Најчесто сите овие родители се многу збунети  и исплашени за тоа што се случува со нивното дете и дали ќе се развие ‘’нормално’’ како останатите деца.
Целата таа ситуација на неизвесност и исчекување е исцрпувачка за родителите. Затоа важно е да побараат помош и поддршка од стручните лица како што се дефектолог и психолог.

Понекогаш очигледно е заостанувањето, но понекогаш е потребна подолга опсервација, па дури и консултација со суб специјалист по развојна педијатрија со цел да се утврди точната слика за детето. Не ретко потребна е и помош од дополнителни инструменти – скрининг тестови за приближување до дијагнозата.

Низ целиот тој процес важно е родителите да бидат особено трпеливи со своето дете, да му ја дадат потребната поддршка и да бидат целосно вклучени во животот на детето, но и да му покажат разбирање и љубов.

Пишува: Софија Пејчова, психолог, семеен и системски советник, операторка на Линијата за родители

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости

Реакција: Платформата за родова еднаквост најостро го осудува говорот на омраза во предизборниот период

Пред почетокот на предизборната кампања за претстојните парламентарни и претседателски избори, Платформата за родова еднаквост ги повикува и партиите и нивните приврзаници да покажат демократски

Реакција: Личното и интимното е загрозено преку дигиталното родово-базираното насилство кое станува сè поопасно!

Злоупотребата и нарушувањето на личниот, интимен простор станува сè поизразено преку дигиталното родово-базирано насилство. Изразуваме особена загриженост и остро реагираме на последните родово-базирани напади во