Имајќи предвид дека Р. Северна Македонија се наоѓа во 7миот циклус на периодично известување за спроведувањето на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жени (CEDAW), беше подготвен Извештај во сенка кој ги опфати Поглавјата 7 и 8 од конвенцијата, за период од 2017 до 2022г. Имено, овие 2 поглавја се однесуваат на учеството на жените во политиката и јавниот живот, како и насилство врз жени во политика (VAW-P), па самиот извештај опфати преглед на следниве аспекти: целокупната состојба со демократија во земјата, правата на жените, насилство врз жените и Истанбулската конвенција, учество на жените во политика и изборите, улогата на политичките партии во промовирање на учество на жените во политиката и перцепција на жената во политика и јавниот живот.
Извештајот беше презентиран на панел дискусија на тема: „Дали жените и понатаму се недоволно застапени во политичкиот и јавниот живот?“ која се одржа на 28-ми Септември 2023г. На настанот присуствуваа претставници од повеќе министерства, жени парламентарки во Собранието на РСМ, меѓународни организации присутни во земјата, амбасади и граѓански организации.
Освен презентацијата на извештајот, беа претставени и главните наоди и препораки на истражувањето за насилство врз жени во политика и кампањата „Заокружи НЕ“ спроведено од Националниот демократски институт (НДИ), како и истражувањето „Жените во политиката: патот до политички функции влијание на локално ниво во Македонија“, спроведено од Реактор – Истражување во акција. Дополнително, панелот беше збогатен и со искуствата на жените во политиката на локално кои беа споделени од Хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово.
Со цел подобра промоција на Извештајот во сенка беше изработено видео со главните наоди, кое беше споделено на социјалните медиуми на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, како и на Види Вака.
Извештајот во сенка може да се проследи на овој линк.
Оваа активност се спроведе во рамките на проектот „Подготовка на Извештај во сенка за спроведување на CEDAW во Република Северна Македонија“, поддржан од Националниот Демократски Институт (НДИ).