Во месец јули и август во организација на Националното Здружение на Медицински Сестри, Техничари и Акушерки се одржаа вкупно 4 дводневни обуки за патронажни сестри, на кои една од темите беше родово базирано насилство – форми и систем на заштита. Целта на овој дел од обуките беше патронажните сестри да ги зголемат знаењата за формите на родово базирано и семејно насилство, како да го препознаат, каде да пријават/упатат и како да ја поддржат жртвата во рамки на своите надлежности и можности.
По покана на претседателката на здружението, обучувачки на овие обуки беа претставнички од тимот на Националната мрежа.
Учесничките се едуцираа за видовите на насилство кои жртвите ги трпат во домот, кои можат да бидат лесно видливи, но можат и да бидат прикриени и тешко препознатливи и беа запознаени со законската регулатива, како и кои се нивните обврски за дејствување во случај на препознаено насилство во домот. Преку работење на практични примери и преку играње на улоги се стекнаа и со меки вештини со цел остварување на комуникација со жртви, потенцијални жртви и сторители, со особен акцент на деца, жени, постари лица. Учесничките ги унапредува и своите знаења и информираност за постоечките механизми за заштита и специјализирани сервиси раководени од граѓански организации кои им стојат на располагање за консултации, пријавување на насилство, или лична заштита во случај на пријавување на насилство.
Обуките придонесоа и кон подобро запознавање на тимовите од двете организации, и отворија можност за идна соработка и партнерство.




