Обука за кариерно профилирање за давателките на услуги во Женските центри за поддршка

Најчесто, наративот околу жртвите на родово-базирано и семејно насилство се фокусира на нивната болка. Но, во секоја жена која преживеала насилство лежи неискористен потенцијал што е потиснат од стегите на насилниот однос. Доколку се зајакне економски, оваа жена нема да постигне само финансиска независност, туку ќе зачекори на патот кон целосна себе-реализација.

Најновиот проект на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, поддржан од Амбасадата на САД во Скопје, ја препознава финансиската независност како клучен фактор за сузбивање на насилството, стремејќи се да го изнајде вистинскиот модел за економско зајакнување и реинтеграција на жените жртви на родово-базирано и семејно насилство.

Проектот започна со дводневна обука за давателките на услуги од нашите Женски центри за поддршка на 21 и 22 ноември во просторот Млади Хаб раководен од НМСМ. Обуката ја водеше искусната претприемачка Ирена Чаушевска Даниловска од ЊуМенс Бизнис Акцелераторот, која ги обучи нашите давателки на услуги како да ја користат исцрпната алатка за кариерно профилирање CAREER, внимателно прилагодена на специфичните услови на жените жртви на насилство.

Овој метод на кариерно профилирање се заснова на шест караткеристики со кои се одликуваат успешните претприемачи: неуморна резилиентност, препознавање и искористување можности, природна љубопитност, стратегиска иновативност, храбро носење одлуки и трансформативно лидерство. Практичната алтка испитува во која мера овие карактеристики се застапени кај корисничките за да открие што најмногу им лежи: корпоративна кариера, фриленс ангажман или, пак, водење сопствен бизнис.

Во наредните фази на проектот, сите вклучени кориснички ќе добијат поддршка соодветна за нивниот кариерен профил, во вид на групни работилници или индивидуални менторски сесии. Овие активности ќе ги зајакнат нивните капацитети и ќе ги вмрежат со други истомисленички, но и со релевантните чинители кои ќе им отворат нови врати и ќе им помогнат да преземат контрола врз сопствената судбина.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости