Улогата на семејството во развојот на личноста на детето несомнено е примарна. Детето првично учи и се воспитува во рамките на семејството. По дефиниција, под воспитание се подразбира севкупност од намерни влијанија врз личноста кои ѝ овозможуваат да се здобие со определени знаења, умеења (вештини, способности) и навики, да ги негува психофизичките способности и да формира соодветен поглед на светот. Покрај знаењата, вештините и способностите, за кои родителот му пружа можности на своето дете, паралелно на родителот му е важно и како детето се чувствува. Некои родители со желбата детето да биде среќно и да не пати на било кој начин, се поставуваат премногу заштитнички кон своето дете. Но, спротивно на тоа, доколку родителот се поставува премногу заштитнички кон детето, го размазува и постојано го спасува своето дете, тоа дете нема да израсне во среќна особа.
Потребно е децата да имаат можности за разочарување за да научат да се изборат со тие ситуации. На детето му е потребно да се воспитува во духот на независна особа, кое ќе дава свој допринос и ќе се чувствува успешно.
Колку родителот повеќе го води главниот збор, толку повеќе детето ја губи својата самодоверба и ќе има помалку можности да учи од своите грешки. Родители, препуштете му ја на детето главната улога. Ќе се изненадите колку често детето ќе се снајде и ќе ја совлада потешкотијата без ваша помош. Прашајте го дали му треба помош. Дури и да му е потребна помош, не го „спасувајте“, туку смислете идеи кои детето само може да ги примени. Родители, научете како да си поставите граница со која ќе одредите кога ќе сакате да му помогнете на вашето дете.
Потребно е детето да научи дека е силно и способно и дека на секој му е потребно да проба неколку пати пред да заврши одредена работа, задача или реши одреден проблем.
На децата им е потребно родителот да им обезбеди „корени и крила“. Корените за детето да знае каде е неговиот дом и крила за да можат еден ден само да успее. Верувајте дека вашето дете ќе учи од грешките и гледајте го додека ги исправа своите постапки врз основа на искуството. Дајте му простор да експериментира, да го осознава светот преку своите очи и бидете тука кога ќе му биде потребна вашата перспектива и вашата поддршка.