За да создаде безбеден простор за работа на себе во пријатно женско друштво, Женскиот центар за поддршка – Скопје организираше серија бесплатни работилници за личен и кариерен развој наменети за жени и девојки кои сакаат да напредуваат во своите кариери и да стекнат нови вештини за успех и отпорност во модерното време. Речиси секоја сабота од октомври до декември, групи од 10-15 млади жени и девојки минуваа по шест часа заедно во социјалниот простор „Комитет“ со кариерната советничка Катерина Златановска Попова од Женскиот центар за поддршка – Скопје. Ова беа обработените теми:
- 21.10.2023: Уметноста на ефективната комуникација
На првата работилница, учесничките научија како да бидат посамоуверени во своето изразување и со тоа да станат поефективни во соработката со луѓето од нивната лична и професионална средина.
- 04.11.2023: Справување со конфликти
Втората работилница беше посветена на конфликтите – Катерина претстави бројни корисни техники за справување со несогласувањата, наоѓање разбирање за другата страна и градење хармонични лични и професионални односи.
- 11.11.2023: Моќта на женското лидерство
На третата работилница се зборуваше за моќта на женското лидерство и неговиот огромен потенцијал за трансформација на целото општество. Учесничките ги истражија инспиративните приказни на светските лидерки, различните стилови на лидерство и практичните стратегии со кои можат да го преземат водството во активностите што им се важни.
- 18.11.2023: Како да ја зајакнете својата отпорност: практични совети за справување со стресот, промените и секојдневните одлуки
Четвртата работилница ги опреми учесничките со техники и стратегии за градење отпорност на малите секојдневни промени и на големите животни пресврти, низ забавни вежби кои бараат концентрација и поттикнуваат критичко размислување и соработка.
- 25.11.2023: Искуствено учење: дигиталните алатки за кои сите зборуваат – Canva, ChatGPT & Google Apps
Петтата работилница ги покри основите на дигиталните алатки што во моментов се најпопуларни и стануваат задолжителна вештина за секоја работа. Секоја учесничка работеше на свој индивидуален проект, сакајќи да исполни некоја лична цел, со помош и поддршка од останатите. Во само неколку часа, учесничките успејаа да создадат свои дизајни во Canva и да изнајдат иновативни начини за употреба на ChatGPT и Google Apps.
- 02.12.2023: Најважните чекори во потрага по нова работа: Како да направите вистински избор? Како да го подготвите вашето CV и како да се подготвите за интервју?
Шестата работилница навлезе во техниките за креирање резиме (CV) што ги истакнува квалитетите и го привлекува вниманието на работодавачот со својата впечатливост. Беа претставени и техники за градење самодоверба пред интервју за работа.
- 16.12.2023: Бизнис втемелен на вредности – Социјално претпиемништво за почетнички
На последната работилница беше претставен концептот за социјално претприемништво кое го гледа бизнисот како главна движечка сила за позитивни промени во светот. Учесничките научија како да генерираат бизнис идеи, да започнат да ги развиваат во бизнис планови и какви извори на финансирање постојат во ова поле.
Работилниците се спроведува во рамките на проектот „Советувалишни центри за жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство“, финансиски поддржан од Град Скопје, а имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. На сите работилници учествуваа вкупно 63 различни жени и девојки.