На 4 декември 2025 година, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство одржа два брифинга во Скопје – со партнери и донори, како и со медиуми, по повод 15 години од своето основање. Целта беше да се презентираат клучните достигнувања, тековните предизвици и приоритетите за застапување во 2026 година, со фокус на одржливоста на специјализираните услуги.
На брифингот со донори и партнери беше нагласена улогата на Националната мрежа во унапредување на законската рамка, развој на специјализирани услуги и јакнење на институционалната отчетност. Посебно внимание беше посветено на реинтеграцијата на жртвите од насилство, како суштински дел од системот што сè уште нема стабилна финансиска поддршка, и покрај неговата законска препознаеност. Беа споделени примери од воспоставени модели за домување, водење случаи и поддршка, како и потребата од институционализирано и континуирано финансирање на услугите.
Во продолжение, на брифингот со медиуми беа отворени прашањата поврзани со фемицидите, институционалниот одговор и улогата на јавноста во превенцијата на насилството. Националната мрежа ги истакна празнините во процената на ризик и раната интервенција, како и потребата од одговорно, точно и жртво-фокусирано медиумско известување. Беше нагласена важноста на медиумската соработка за подигнување на јавната свест и зајакнување на институционалната одговорност.
Двата брифинга ја потврдија потребата од континуиран дијалог и координирана соработка меѓу граѓанскиот сектор, институциите, донаторите и медиумите, со цел обезбедување одржлив и системски одговор на насилството врз жените и децата.
Активностите се спроведени во рамките на проектот „Институционализирање на квалитетни услуги за рехабилитација и интеграција на жртви од насилство II“, финансиран од Австриската агенција за развој (АДА) со средства на Австриската развојна соработка, а имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.












