Северна Македонија направи значајни чекори во борбата против фемицидот, станувајќи прва земја од Западниот Балкан која инкриминираше убивање на жени во контекст на родово-базирано насилство. И покрај овие напредоци, спроведувањето на новата правна рамка останува предизвик.
Ова прашање беше тема на тркалезната маса „Фемицид во Северна Македонија — Ефективност на правосудниот одговор“, организирана од AIRE центарот и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, со поддршка на Владата на Обединетото Кралство и северна Ирска. Настанот се одржа на 12-ти Февруари, каде присуствуваа повеќе од 30 учесници од судски и законодавни институции, меѓународни и граѓански организации, академски институции, и експерти во областа на човековите права и родовата еднаквост.
Заменик Министерот за правда, Ален Деребан, го отвори настанот истакнувајќи дека иако Северна Македонија направи важни чекори со инкриминирањето на фемицидот, вистинскиот предизвик е во спроведувањето на овие законски одредби. Сабина Ѓапо, програмска менаџерка на AIRE центарот за Западниот Балкан, ја истакна важноста на континуираниот дијалог и соработка за ефективно справување со фемицидот.
„Воспоставувањето на Femicide Watch е моќен чекор нанапред, што нè зајакнува нас, како граѓански организации кои работиме на ова значајно прашање. Тоа ќе им пружи алатки на релевантните институции за идентификување и пополнување на празнините во системот за превенција и борба против насилството врз жени и семејното насилство. Со заедничка работа и развој на делотворни решенија, ние можеме да ги надминеме овие предизвици и да се приближиме до нашата конечна цел: остварување на нулта толеранција кон насилството врз жени и обезбедување нулта фемициди во иднина“, објасни Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа.
Во овој дела се обрати и судијката Габриела Гајдова, која ја нагласи потребата за посериозен пристап кон фемицидот од страна на судовите при оценката на доказите и изрекувањето на казните. Обвинителката Спасенка Андонова пак, ја истакна клучната улога на обвинителите во истражувањето и кривичното гонење на случаите на фемицид, како и за спречувањето на такви дела преку рано интервенирање и системски подобрувања.












