Женски центар за поддршка Скопје и Куќа за отворено домување – Обезбедени услуги во 2021г.

Во рамките на Женскиот центар за поддршка – Скопје, во текот на 2021 година, вкупно биле обезбедени 925 услуги за 125 жени и 12 деца жртви на родово базирано и семејно насилство.

Од обезбедените услуги, 531 услуга била дадена од социјалните работнички кои вклучуваат: советување за остварување на социјални права, упатување, придружба и застапување пред релевантни институции и други граѓански организации.

280 услуги се обезбедени од психолог/ психотерапевтка, кои биле во форма на индивидуално и групно советување.

Во однос на правната помош и поддршка, правната советничка обезбедила 62 услуги кои вклучуваат правно информирање, упатување до друга институција и писмени поднесоци. Дополнително, обезбедени се 14 адвокатски застапувања во надлежните судови.

Во текот на 2021 се обезбедуваше и услугата кариерно советување, каде кариерната советничка обезбедила 38 услуги на 11 жени кориснички.

Најмногу било пријавувано психичкото и физичкото насилство, каде секоја од корисничките изјавила дека се справува и со физичко и со психичко насилство. Кај 31 корисничка, дополнително е идентификувано и економско насилство, а кај 25 кориснички и демнење. 4 кориснички биле жртви на силување во брак, 1 од сексуално насилство од познат сторител, и 1 на сексуално вознемирување. 3 кориснички пријавиле обид за убиство до страна на сторителот на насилството.

Според демографските податоци 115 (92%) кориснички биле од урбана средина, а останатите 9 од рурални средини. Според возраста најголем број биле жени на возраст од 33 до 47 години, односно 77 жени или 62% од вкупниот број кориснички. Најголемиот број биле Македонки односно 101 корисничка или 80%, додека останатите биле 9 Албанки (7%), 7 Ромки (6%), 2 Бошњачки, 1 Србинка и 1 Турчинка.  

Од аспект на образование, најголем број има кориснички со завршено средно образование или 62 кориснички (50%), 38 (30%) се со високо образование, 13 со основно образование, 7 со вишо и 3 со завршени магистерски студии.

Според работниот статус 65 од корисничките или 51% биле невработени, 51 вработена, 5 хонорарно ангажирани, 2 во пензија и 1 домаќинка.

Во однос на живеалиштето, 32 живеат во живеалиште во сопственост на сторителот на насилството, 26 во живеалишта на други членови на семејството (родители, браќа, сестри и др.), 29 живеат под кирија, 3 кај пријатели и 8 во вонинституционална форма на домување. Само 10 кориснички или 8% живеат во сопствено живеалиште.

Во текот на 2021г. многу мал бил бројот на кориснички кои се упатени од релевантните институции. Имено, Центрите за социјална работа упатиле само 4 кориснички, 2 биле упатени од здравствен установа и само 1 корисничка е упатено од полицијата. 15 кориснички биле упатени од друга граѓанска организација, а повеќето (43) биле препратени од пријателки, соработници или други кориснички. Најголемиот број или 58 кориснички, самостојно се обратиле за помош во Центарот, за кој добиле информација од Фејсбук страницата на Женскиот Центар за поддршка Скопје.

Во текот на 2021г. во Куќата за отворено домување биле сместени вкупно 5 жени кои преживеале насилство од интимен партнер и  кои ја напуштиле насилната средина, заедно со нивните 8 деца. Сите 5 кориснички добија советување и поддршка за остварување на социјалните права, како и здравствено осигурување, вклучување на децата во системот на образование, или во установа за предшколска возраст согласно возраста на децата. Во текот на нивното домување во куќата, редовно работеа со психолог/ психотерапевтка на групни средби, но и индивидуални средби согласно нивните индивидуални потреби. Сите 5 кориснички добиваа кариерно советување, и а 2 од нив беа вклучени во обуки за унапредување на вештините во Ресурсниот центар на СОС Детско Село. 1 корисничка посетуваше и часови по македонски јазик, бидејќи потекнува од друг континент и не го познава добро македонскиот јазик. 3 кориснички добија и правно советување и поддршка во бракоразводни постапки, а 1 корисничка доби поддршка за остварување на право на социјален стан.

До крајот на 2021г. сите 5 кориснички ја напуштија куќата за отворено домување, од кои за 2 беше обезбедена и услугата поддржано домување во индивидуални станови.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости