Жените не пријавуваат семејно насилство од страв да не бидат осудени

Само четири отсто од  жртвите во земјава го пријавуваат насилството, вели Ана Аврамоска – Нушкова од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство

ОХРИД — Кампањата 16 дена активизам, како и секоја година, започна на 25. ноември и траеше до 10. декември, кога се одбележува и Меѓународниот ден за правата на човекот и донесувањето на Универзалната декларација за човековите права.

Кампањата оваа година има за цел да ја подигне општествената свест и да поттикне на размислување за индивидуалниот и колективниот придонес во борбата на спречување на родово базираното насилство.

За насилството не треба да се зборува само овие 16 дена. За насилството треба да се зборува цела година. Односно 16 дена активизам, 365 дена борба против насилство врз жени, семејно насилство како и насилство врз девојчињата, вели Ана Аврамоска- Нушкова од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Оттаму велат дека треба да се направи се` што е можно да се стави крај на семејното насилство, на сексуалното вознемирување, на раните бракови и на сите форми на насилство врз жените. Велат дека станува збор за кривично дело.

Во однос на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, ние оваа година отворивме неколку сервиси, со кои пружаме директна помош и поддршка на жените жртви на насилство, и тоа преку психолошко советување, правно советување и можност за остварување на право за социјална заштита. Исто така отворивме и куќа за отворено домување, кој е прв ваков тип сервис за жени жртви на насилство кои ја напуштиле насилната средина во Западен Балкан, со поддршка на Град Скопје“, вели Аврамоска – Нушкова.

Таа додава дека за жал се` уште жените жртви на насилство во Северна Македонија се стигматизирани. Само четири отсто од жртвите во земјава го пријавуваат насилството.

„Но не само тие. Доколку имаат и деца и нивните деца се стигматизирани, и од најблиските и од пошироката средина каде што живеат. Повеќето жртви на семејно насилство не го пријавуваат насилството од страв дека ќе бидат осудени, дека ќе бидат отфрлени прво од најблиските, а потоа од околината. Голем дел од нашите истражувања покажуваат дека процентот на пријавување на насилството е многу ниско во однос на европскиот просек. Само четири отсто од случаите се пријавуваат, што како бројка реално постојат во општеството, додека европскиот просек е околу 12 проценти. Според МВР, од годишниот извештај од 2019 година, имаме пријавени кривични дела за семејно насилство вкупно 989. Од нив 588 се со тешки или со полесни телесни повреди. Исто така би сакала да напоменам дека за 2019 година пријавени се пет фемицили, случаи на убиство на жена, затоа што е жена и тоа во текот на вршење на насилството, што е еден подолгорочен процес. Во првата половина од 2020 година, пријавените случаи на кривични дела поврзани со семејно насилство се 435“, додава Аврамоска – Нушкова.

Според Министерството за труд и социјална политика, во 2019 биле регистрирани вкупно 1.555 пријави на семејно насилство, од кои 1.135 се жени, а 173 деца. Од јануари до мај, 2020 година, регистрирани биле 505 случаи на семејно насилство.

„Она што ние го работиме и што сакаме да биде имплементирано во целост е Истанбулската конвенција, која Македонија ја потпиша во декември 2017 година. Од неа произлегуваат големи обврски за државата во однос на давање првична помош, поддршка, спречување на насилство врз жени и семејно насилство. Целта е да се врати довербата во институциите, да се врати довербата, вработените кои работат по овие предмети, треба да бидат доволно сензибилизирани, да имаат голем број на обуки, како би ја разбрале материјата и со што се соочува една жртва на насилство. Треба да имаме функционални и достапни сервиси. Кога зборуваме за сервисите се мисли на националните СОС линии за поддршка. Во Македонија има три линии за жртви на семејно насилство, од кои само една, кога има оператор, може да се обрати на жртвата на албански јазик. Исто така центрите за згрижувања, треба да бидат целосно функционални и пристапни за жртвите и за нивните деца. Иако не е никаде напоменато или во закон регулирано, жртвата доколку има машко дете над 14 години, не може заедно со него да биде сместена во шелтер центрите. Шелтер центрите треба да исполнуваат одредени стандарди кои ги побарува Советот на Европа и треба да бидат достапни за сите. Не само за жените Ромки, не само за жените жртви на семејно насилство, треба да бидат пристапни и за лицата со физички попречености. Во моментот немаме целосно пристапни центри за лицата со попреченост“.

Преземено од: Гласот на Америка

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости