Освен 15.000 денари и Програма за помош и поддршка која сѐ уште не е усвоена, за жртвите на семејно насилство не е предвидена друга поддршка во намерата да си ги обноват животите по напуштањето на шелтер-центрите.
Се предвидува жртвите на семејно насилство да добиваат финансиска поддршка, но оваа помош е достапна само ако немаат имот, ниту работа.
Проектната координаторка во Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство Ана Аврамоска-Нушкова вели дека во однос на нивната функционалност, има специфични примери од центар до центар, кои ги покажуваат предностите и слабостите на овие сервиси.
„Имено малиот број на легла и простор се еден од предизвиците со кои се соочуваат посебно во случаи кога треба да се сместат повеќе жени со нивните деца. Ние како организација немаме направено конкретна посета на шелтрите низ Македонија но голем број од нашите сознанија се директно од жените кои биле сместени во некои од шелтрите“, децидна е Аврамоска-Нушкова.
„Во однос на итноста, државата има усвоено рамка за реализација на овие измени – 2018-2023 во која треба не само да ги усогласи законите, туку паралелно треба да работи и на заштита на жртвите и на превенцијата од повторување на насилството и спречување на идното насилство. И не е само да ги измени законите, туку треба и практично да можеме да ги примениме“, вели Аврамоска-Нушкова.
Таа заклучува дека е направен чекор напред со носењето на нови закони, но дека треба уште многу работа, посебно во насока на заштита на жртвите, како и во нивното реинтегрирање во општеството.
Аврамоска – Нушкова од друга страна порачува дека надлежните институции кои се на прва линија во првичната заштита на лицата кои се соочуваат со насилство, како што се полицијата и Центарот за социјална работа, кои треба да бидат повеќе сензибилизирани за оваа проблематика и темелно да ја истражат секоја пријава за насилство. Според неа, треба да се земе предвид и должноста за правење на проценка на ризик.
„Во најголем број случаи, првичната пријава односно проценка ја правата дежурните униформирани полициски службеници кои не секогаш ја имаат потребата обука и знаење за овие прашања. МВР треба да го зголеми бројот на почетни и континуирани обуки за да не дојде до ова жртвата да се обвинува за каде шетала во 4 сабајле или како била облечена дали била пијана или не. Од нашата пракса најчесто сме во контакт со инспекторите за семејно насилство и можам да нагласам дека се високо професионални, сензибилизирани и знаат да постапуваат. Во секој случај нивниот број на национално ниво е многу мал“, појаснува таа.
Аврамоска – Нушкова вели дека посебен проблем се јавува во делот на казнивоста на насилниците.
„Посебен проблем се однесува на казнивост. Имено, многу често судовите досудуваат или поблаги казни или пак условни осуди за сторителите. Овој податокот дополнително му дава сила на сторителот да продолжи со своите постапки со што се губи и смислата на целта на казнувањето односно да го спречи сторителот да врши кривични дела и да влијае на негово превоспитување како и да делува воспитно односно да се влијае врз другите да не вршат кривични дела“, вели таа.
Преземено од ПИНА.мк



