Валидациска работилница – Презентација на наоди и препораки од нацрт анализи за ментално здравје и психосоцијална поддршка на деца и адолесценти

На 18-ти декември 2023г. се одржа валидациска работилница или работилници за потврдување на наодите и препораките за 2 нацрт анализи кои се однесуваат на менталното здравје и психосоцијална поддршка на деца и адолесценти во Северна Македонија.

Имено, се работи за Компаративна анализа на националното законодавството за заштита на децата поврзано со МЗПСП, споредено со меѓународни и ЕУ стандарди, и, Анализа на јазовите во услугите, капацитетите и потребите за ментално здравје и психосоцијална поддршка на децата во системот за детска и социјална заштита, вклучувајќи услуги за деца во ризик, семејства/негуватели и професионалци. Овие анализи беа изработени во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во С. Македонија во рамките на програмата „Патот напред: решенија за подобар одговор на потребите за ментално здравје и психосоцијална поддршка за децата и младите во С. Македонија“  чија главна цел е да креира решенија за одржлив и ефективен систем за заштита и поддршка на децата и младите во однос на благосостојбата на менталното здравје и психосоцијална поддршка (МЗПСП).

На работилницата присуствуваа 18 претставници на надлежните институции, граѓански организации и УНИЦЕФ. Сите учесници претходно беа вклучени во методологијата за прибирање податоци за анализите, дел во индивидуални интервјуа, а дел во различни фокус групи. Анализите ги презентираа националните експертки Елена Димушевска и Неда Чаловска Димоска, по што следуваше дискусија со препораки за унапредување на нацртите.

Учесниците се согласија со наодите, но отворија и други прашања поврзани со превенција и заштита на менталното здравје на деца и адолесценти во системот на детска и социјална заштита. Особено се дискутираше за соработката со здравствените институции односно Министерството за здравство, и Министерството за правда, односно децата во казнено -поправните домови и децата во судир со законот. За голем дел од овие корисници не постојат услуги за превенција и заштита на менталното здравје, и во голема мера треба да се работи во таа насока, се согласија присутните.

Забелешките и коментарите ќе бидат вклучени во финалните анализи, од кои треба да произлезе и трет документ, а тоа е Патоказ/модел за развој на услугите и капацитетите на системот за детска/социјална заштита.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости