Справување со стрес и предизвици на самохрани родители

Факт е дека во моменталното секојдневно живеење, стресот е станат постојано присутен и не изостава можност да се појави во нашите дневни активности. Секое дејствие, носи своја тежина која што бара од нас да ги користиме нашите вродени и стекнати капацитети со цел да го поминеме дадениот период.

         Родителството не е исклучок од оваа животна динамика. Како што и самиот живот има периоди кои што се лесни и нудат поголема можност за релаксација и уживање и други периоди во кои што тежината се зголемува, така и родителството ја менува својата јачина низ времето кое што поминува. Разликата помеѓу овој вид на тежина и стресот кој што таа го носи и стресот од другите аспекти на животот е во тоа што родителскиот стрес е наменет да биде носен од двајцата кои што во заедничка и взаемна активност постанале родители. Во случајот на самохраноста, целата оваа одговорност е оставена да биде носена само од страна на еден член од родителскиот пар.

            Обврските кои што се наменети за двајца можат да прераснат во голем товар кога треба да ги носи само едниот родител. Токму затоа и една од препораките која што се сретнува како пат до успешно справување со стресот и последиците е самохраниот родител да го креира својот систем на поддршка, во кој што може да ги вклучи роднините и пријателите. Со овие луѓе, самохраниот родител може да зборува за тоа што го доживува и со кои предизвици се соочува. Дури и самото говорење, понекогаш носи олеснување кога од другата страна имаме личност на која што и веруваме.

            Понекогаш, превземајќи ги на себе сите обврски и одговорности, самохраниот родител може да престане да биде свесен дека околу него има други луѓе на кои што може да се потпре. Понекогаш, „самоста“ ја попречува свесноста дека може да се побара помош и дека навистина има ситуации во кои што може да се добие истата. Идејата дека секогаш можеме и требаме сé сами, понекогаш само го надополнува притисокот врз самохраниот родител, а со тоа и доживеаниот стрес се зголемува.

            Генерално, за намалување на стресот и справувањето со предизвиците на самохранувањето, се препорачува и воспоставување и оддржување на функционални рутини, конзистентност кон дисциплината и поставените правила и други различни фактори. Но поради тоа што е не можно да се даде сеопфатна листа на сите дејности кои што функционираат, ниту пак истите активности и насоки делуваат ефикасно за секој различен родител кој што е самохран; се охрабрува читателот доколку се пронаоѓа во горе-опишаниот текст или пак се соочува со стрес предизвикан од бидувањето самохран родител, да се јави на линијата за родители при Националната мрежа за заштита на жените од семејно насилство и анонимно да поразговара со еден од нашите обучени оператори кои што се подготвени да дадат конкретна насока за конкретниот случај.

Текстот изворно е објавен на порталот „Мајкаидете“.

Пишува: Кристијан Павловски: психолог/Супервизор на Линијата за родители

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости