Адолесцентниот период е еден од најбурните периоди во развојот на една единка. Период на пронаоѓање на себеси, односно период кога почнува филозофското прашање кое нѐ води до крајот на животот – „кој сум јас“ или т.н. потрага по идентитетот. Овие тинејџерски години треба да бидат процут кој на повидок ќе ни даде една здрава единка која ќе може соодветно да одговори на личните и општествените предизвици во текот на натамошниот живот. Има низа фактори кои влијаат врз социо-емоционалниот развој кај адолесцентите. Покрај училиштето, заедницата во којашто живеат, врсниците, тука е и семејството, односно како клучни чинители – родителите.
За време на адолесценцијата се забележуваат промени во начинот на кој индивидувата комуницира со околината. Формирањето на идентитетот е проследено со екпериментирање, градење на својата различност и посебност. Таа посебност и различност тинејџерот може да ја прикажува на различни начини: избор на музика, облека, книги, уверувања, пријатели, хоби и сл.
Во овој период младите луѓе обично стануваат повеќе свесни за сопствените чувства и чувствата на другите, но овие сфаќања сѐ уште можат да бидат тензични. Некои адолесцентти може да бидат возбудени кога преземаат нови предизвици бидејќи стануваат понезависни, додека на другите можеби им треба поголема поддршка за да ја градат својата самодоверба и чувствуваат страв од нови работи. Процесот на емоционален развој им дава можност на адолесцентите да градат вештини, да откриваат уникатни квалитети и да развиваат сила за оптимално здравје
Честопати родителите се исправени пред многубројни предизвици како да постапат во одредени ситуации со своето дете токму во овој период. На многу родители им се чудни и несфатливи одредени постапки на своите деца, па знаат често да ги искритикуваат без да се обидат да ги разберат. Затоа, еден од најважните приоди е обидот на родителот да го разбере однесувањето на своето дете. Начинот на комуницирање на родителот со детето може да испраќа порака на почитување, емпатија, грижа, но може да испраќа и спротивна, негативна порака. Позитивната комуникација со детето предизвикува желба и мотив да соработува со родителот, заснована е врз љубов и заемно почитување, а не врз дистанца, контрола, страв и доминација. Тоа го намалува отпорот кај детето.
Самостојноста и независноста кои добиваат израз и се диференцираат во овој период претставуваат шанса родителот во безбедна средина да му покаже и да го научи детето на самостојно и правилно донесување одлуки. Самостојноста може да ја поттикне преку: давање поддршка на детето дури и кога тоа греши, поттикнување на детето по неуспех повторно да се обиде, изразување безулсловна љубов, почитување на идеите и различното мислење на детето како и практикување на разговор со детето. Поттикнувањето и јакнењето на детето за самостојност се остваруваат во секојдневната комуникација, која родителот може да ја подобри доколку активно слуша, избегнува омаловажување и потсмевање, подготвен е да дебатира, и кога не го одобрува, ги разбира детето и неговото однесување. За да се почувствува рамноправен член на семејството важно е во овој период родителот да го вклучи детето во семејни разговори и при донесување на семејни одлуки.
Обрнувањето внимание на социо-емоционалниот развој во адолесцентниот период е еден од клучните сегменти во градењето на единката пред да се впушти во предизвиците на раната зрелост.
Авторка: Ана Пејовска, психолог, операторка на Линијата за родители