Соодветна комуникација и соработка на родителите после развод

Една од најзначајните фактори за развојот на детето после разводот е начинот на кој што ќе продолжи комуникацијата и сорабoтката помеѓу родителите.

Можеби еден од најголемите предизвици во светот на возрасните и зрелото живеење е да научиме како да се разделиме и како да продолжи ефективната комуникација во функција на грижа и воспитување на детето. Тимската работа, поддршка и соработка сепак би требало да продолжи и после разводот, бидејќи на детето му се потребни и двата родитела да бидат во добро физичко и психичко здравје, за да му се посветат најдобро што знаат и умеат во новонастанатите околности.

Начинот на разделба може да биде исполнет со конфликти, повреди и навреди и иако понекогаш изгледа невозможно, доколку пред нас стои една единствена цел, а тоа е добросостојбата на детето, останува на двете страни најпрво да ја прифатат реалноста и да го побараат мирот прво во себе, а потоа и во комуникацијата со другиот родител. Иако родителите веќе не живеат во ист дом, сепак комуникацијата помеѓу сите членови продолжува и на детето му е потребно да го продолжи контактот кој ќе биде стабилен, исполнет со љубов и топлина, и кој што ќе продолжи со ново темпо и динамика.

Добро е да се усогласат распоредите на родителите и да се развие рутина на гледање, која што ќе биде стабилна, без изненадни промени, која на детето ќе му даде доживување на сигурност. Споделувањето на она што се случува во врска со детето е приоритет, и таа грижа останува нешто што ќе биде заедничко и ќе биде основа за соработка и поддршка.

Во овој процес , често пат се присутни чувство на бес, лутина, анкзиосност, родителите се  преплавени од актуелните доживувања и се случува децата да бидат заборавени, или да се придобијат на едната страна, или да се навредува другиот родител пред детето.  Обидете се да ги тргнете настрана вашите разлики и причините поради кои веќе не сте заедно, обидете се да поставите нови правила, нови рутини и разговарајте за методите со кои ќе пристапите во стилот на воспитување.  Разлики  и на ова поле може да постојат, но сепак започнете да градите доверба која ќе ги олесни сите потешкотии во овој процес на разделба и имајте ја пред себе заедничката цел “доброто на детето”  во која се уште придонесот на двата родитела е еднаков. И двајцата родители се се уште во истиот тим и грижата за себе и за другиот родител, воедно е и грижа за детето, повеќе не постои  партнерска релација, но возрасните се уште остануваат заеднички во родителската улога.

Значајно е и двајцата родители да стремат кон развој на следните аспекти, кои ќе дадат база на соработка и коректна комуникација
         

  • да договорат рутина на гледање и јасни правила
  • да се информираат меѓусебно за сите прашања на родителствувањето, како и за однесувањето на детето
  • доколку се појават проблеми или несогласувања договорете средба и разговарајте,  избегнувајте го разрешувањето пред детето
  • обидете се да ја негувате довербата, се уште сте во истиот тим, се уште сте му потребни и двајцата на детето
  • одржувајте разумност и приземност секогаш кога е возможно, помогнете доколку е возможно, не одмагајте, развивајте однос на пријателство.
Ирена Жунгулова, Супервизор на линијата за родители,
психолог и психотерапевт
Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости