Зашто жртвите молчат и како да ги поддржиме и заштитиме?
Пријавувањето на насилството не е само законска обврска, туку и општествена одговорност. Со здружени сили можеме да создадеме безбедно опкружување за сите, без страв и со силен фокус на заштита и превенција.
Секојдневните полициски извештаи полни со случаи на семејно насилство ја потврдуваат важноста на темата, но и на потребата од подобрени системски решенија за поддршка на жртвите. Иако пријавувањето е сè почесто, вистинската бројка на непријавени случаи останува значително повисока, што укажува на распространет страв и недоверба во системот. Последниот случај на фемицид во Штип го покрена прашањето за подготвеноста на надлежните институции да обезбедат ефикасна заштита. Случајот покажа дека жртвата повеќепати се обидела да се заштити преку пријави против насилникот, но се повлекувала под притисок или страв, што укажува на големите предизвици што ги носи оваа борба.
Ана Аврамоска Нушкова гостување во Македонија наутро на МТВ1 и зборуваше на оваа тема.
Пред се многу е важно што има државата да и понуди на една жртва на насилство и брзо да реагира – дали ќе направи план за нејзината безбедност, дали привремено ќе ја смести во шелтер-центри, поставување на планови за заштита на жртвите и нивните семејства, или пак ќе се преземат итни мерки од страна на судот сторителот да се отстрани од домот. Полициските служби имаат должност да реагираат на секоја пријава за семејно насилство, без оглед на начинот на кој е примена, и да извршат проценка на ризикот за да спречат понатамошна ескалација. Сепак, еден од најчестите предизвици е недоволната комуникација помеѓу институциите, како и недостатокот на системи за следење и проценка на случаите, што би ги идентификувало најризичните ситуации.
Превенцијата е една од клучните надлежности на институцијата кога станува збор за семејно и родово базирано насилство. Затоа во рамките на Министерството за внатрешни работи се спроведуваат превентивни активности преку кампањата „Има помош за живот без насилство,“ со поддршка од Обединетите Нации и финансиска помош од британската амбасада. Кампањата има за цел да ги охрабри жртвите да пријавуваат и да им понуди поддршка за надминување на стравот и недовербата.
Неопходна е и континуирана едукација за сите професионалци кои работат со жртви, особено за медицинските лица, јавните обвинители, судиите и вработените во центрите за социјална работа, за навремено препознавање и адекватно справување со ваквите случаи. Кампањите за подигање на јавната свест се важни, но потребно е и поголемо вложување во долгорочни програми за поддршка на жртвите, кои се соочуваат со комплексни предизвици – економска зависност, недостиг на поддршка од примарното семејство и недоволна правна и психолошка поддршка.
Фрапантен податок е дека, според сеопфатната студија на ОБСЕ, само 2% од случаите се регистрирани, односно пријавени случаи за семејно насилство. За овој процент придонесува и тоа што не се препознаваат сите форми на насилство, најчесто и најредовно се пријавува физичкото насилство, но има и психолошко насилство, економско насилство и сексуално насилство коешто е најслабо пријавувано од страна на интимен партнер или во брачна заедница. Ние како мрежа работиме, имаме советувалишта и центри каде што даваме специјализирани услуги, тоа се услуги коишто се насочени согласно индивидуалните потреби на жртвата и сите се бесплатни. Првото пријавување кај нас е со правење на влезно интервју и тука ја правиме проценката за нејзините потреби кои се, дали ќе треба адвокатско застапување, дали ќе правиме придружба во центарот за социјална работа и прилично доста работиме на психичката помош и поддршка и на жените и на нивните деца доколку ги имаат.
Семејното насилство не е само проблем на поединецот или семејството; тоа е општествен проблем со длабоки последици за сите нас. Наша заедничка одговорност е да создаваме култура во која секоја жртва ќе знае дека може да пријави и да добие поддршка. Подигањето на јавната свест и едукацијата се клучни за да ги намалиме овие случаи и да обезбедиме сигурна и стабилна поддршка на сите кои се соочуваат со насилство. Со здружени сили можеме да изградиме општество без насилство, каде секој ќе има право на безбеден и достоинствен живот.