Родителско Искуство

Пренесувањто на искуството од постарите генерации на помладите од секогаш овозможувало прогрес на цивилизацијата. Тоа што предходната генерација го осознала и увидела било споделено преку учење и насочување на следната. На овој начин изумите и откритијата кои што го унапредиле човештвото, станувале достапни уште од раната фаза на новиот живот. Преку поедноставувањето на секојдневието, новата генерација имала повеќе време да истражува, а со тоа и да се развие во сфери кои што предходната не можела ни да ги замисли.

Клучен концепт во горниот параграф е „искуство“. Тоа на кое што сме сведоци денес во доменот на родителството и како да се воспитуваат децата, е давањето совети на новите родители кои што не се потврдени токму преку искуството на оној кој што ги споделува. Насоките кои што новите родители ги добиваат се најчесто првата помисла на оној кој што ја споделува. Се чини здраворазумска и е добронамерна, но не гарантира дека истата идеја би функционирала во системот на живеење на родителите. Особено важно е тоа што секој човек кој што дава совет тргнува од својата перспектива која не нужно се софпаѓа со советите кои што родителите ги добиле од некој друг познаник или професионалец. Вообичаено ваквата ситуација ги збунува родителите кои што сакајќи го најдоброто за своето дете може да започнат да ги следат сите совети кои што ги добиле, без разлика на нивната компатибилност или пак потребата на детето од истите.

Без разлика од каде родителите ги црпат идеите за нивните постапки, најважно е да не заборават да го разберат сопственото дете во секој даден момент. Детето е самото тоа кое што преку однесувањето и зборувањето постојано изразува од што има потреба моментално. На овој начин, тие самите го градат сопственото искуство, кое што понатаму би можело да послужи како конкретна насока за некои други родители кои што им е потребно истото.

Пишува: Кристијан Павловски: психолог/Супервизор на Линијата за родители

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости