Родител или пријател? Тенката линија меѓу двете улоги

Со раѓањето на детето се раѓа и родителот. Секој родител се обидува да го воспита своето дете „најправилно“, водејќи се според своите животни правила и принципи. Некој родител има високи очекувања од своето дете, не му дозволува само да одлучува, друг пак, ги игнорира емоциите и потребите на детето и воопшто не учествува во животот на детето, трет пак се обидува да биде пријател со детето.

Прашање кое многу родители си го поставуваат – Дали да се биде пријател со детето?

Одговорот на ова прашање ќе го започнам со една дефиниција за тоа што е пријателство, која вели, „Пријателството е афективна врска помеѓу две лица, состојба на трајна наклонетост, почит, интимност и доверба меѓу две лица.“ Со пријателите делиме заеднички верувања и вредности. Една од примарните цели и мотиви на пријателството е дружењето, а понатаму со растењето пријателството служи како извор на емоционална поддршка и обезбедување можности за самооткривање и интимност најчесто во рамките на врсничката група. Бидејќи станува збор за врснички групи, моќта и авторитетот во врската вообичаено се со иста количина.

Многу родители мислат дека доколку се пријатели со нивните деца, родителството ќе им биде олеснето. Но, спротивно на тоа, кога родителот се обидува да биде пријател со детето, тоа влијае на начин детето да биде збунето.

Родителството значи грижа за детето. Пријателот нема да му каже на детето кога треба да се вакцинира, кога да оди во кревет или да му даде совет на своето дете околу пиењето или сексуалниот живот. Таа улога од родителот му е потребна на детето. На децата им се потребни насоки, правила и граници. Да потребно е родителот да игра со детето, да биде пријателски настроен. Но, на детето му е потребна структура, насока, правец, за да се чувствува сигурно. Истовремено на детето му е потребен и родител кој е топол, поддржувачки и емпатичен. На детето му е потребно кога ќе биде вознемирено, кога ќе го преплават чувства, родителот да му помогне да ги канализира чувствата и да го научи како да се справува со нив.

Всушност, родителот е потребно да ја најде вистинската рамнотежа помеѓу родителството и пријателството во однос на своето дете. Со тоа, односот на родителот треба да е и во зависност од возрасната група на детето. Додека е детето мало, родителот мора да му постави граници и мора сите одлуки да го донесува за него. Како расте детето, поминува и низ процес на индивидуација и потребно е да биде и тоа вклучено во одредување на границите и да му се дозволи на детето одредена слобода при донесување на одлуките.

            Како и за се останато кога станува збор за луѓето, така и кога станува збор за родителството и пријателството, не постои единствена формула која одговара на секоја релација родител – дете. Секоја една релација родител – дете е свет за себе. Останува да се вежбаат родителските вештини. Во овој случај, родителската вештина родителот да знае кога и во колкава мера да ги попушти границите. А, понатаму преостанува да уживате во родителството грижејќи се за своите деца и играјќи се со нив.

Тања Марцикиќ Ивановска
Социјален работник и
супервизор на Линијата за родители
Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости