Реинтеграцијата и рехабилитацијата на жените жртви на насилство е суштински сегмент од системот за справување со насилство, обезбедувајќи долгорочни решенија за нивна независност и живот без насилство. Тој е интегриран и во Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, со посебен фокус на развивање и усвојување на национална програма за реинтеграција во членот 99.
Иако Министерството за социјална политика, демографија и млади во 2024г. усвои ваква програма, документот се фокусира на постојните ресурси, кои не се доволни за да обезбедат целосна поддршка. Програмата во финалната нацрт форма беше подготвена со експертизата на Националната мрежа кон крајот на 2022г. во која беа дефинирани пет столба на реинтеграција, со акцент на долгорочно домување и специјално дизајнирани мерки за вработување. Но, овие клучни услуги и мерки не беа интегрирани во усвоената програма, со што не беше овозможено нивно финансирање како социјални услуги, и се исклучи можноста за граѓанските организации да раководат со вакви услуги согласно законите. Сето ова крајно резултира со несоодветна поддршка на жртвите и неможност за остварување на целта – самостоен живот без насилство.
Од 2019г., Националната мрежа работи активно на афирмирање на реинтеграцијата како процес, со посебна поддршка од Австриската развојна агенција (АДА) во периодот 2020-2022. Интензивно се работеше на истражувања базирани на докази со препораки на локално и национално ниво, едукација на центрите за социјална работа и работа и застапување со повеќе чинители на национално, но и локално ниво. Во втората фаза на проектот, кој ќе се спроведува во следните 3 години, фокусот ќе биде на унапредување на националната програма за реинтеграција, како и унапредување на процесот на лиценцирање на ГО како даватели на услуги, особено вклучување на услугите за реинтеграција во Законот за социјална заштита и нивно понатамошно финансирање.
Во февруари, во Тиват (Црна Гора) веќе се одржа и првиот координативен состанок на партнерските организации од неформалната мрежа на Западен Балкан кои го спроведуваат овој проект. На состанокот попрецизно се дискутираа следните чекори кои ќе се преземат на национално, но и регионално ниво. Сите 7 организации работат на институционализирање на квалитетни услуги за реинтеграција на жртви на родово базирано и семејно насилство, каде се споделуваат позитивните практики од балканските земји и се користат заедничките за напори на регионално ниво да се менуваат состојбите се со цел да се овозможи подобра заштита на жртвите на насилство како и самостоен живот без насилство. На состанокот учествуваа претставничките на Центарот за развој на родова алијанса (GADC) како носител на проектот, како и Мрежа за зајакнување на жените Албанки (AWEN), Фондација Обединети жени (FUW), Косовска женска мрежа (KWN), Центар за женски права (WRC) и Автономен женски центар (AWC).













