Реинтеграцијата и рехабилитацијата на жените жртви на насилство е клучен дел од справувањето со овој проблем

Според истражување на Националната мрежа против насилство и семејно насилство, во Македонија секоја трета жена е жртва на семејно насилство. Голем проблем за жените жртви на насилство е немањето каде да одат откако ќе го напуштат домот, со оглед на тоа што мал број жени имаат стан или куќа на свое име па често единствената опција им е враќање во домот каде постои насилство и живеење со насилникот. Освен домувањето неретко жените се соочуваат и со финансиски проблеми и останати психо-социјални прашања. Новиот Закон за спречување и заштита од семејно насилство и насилство врз жените ја дефинира за прв пат реинтеграцијата и рехабилитацијата на жртвите на насилство во општеството. За тоа што значи новиот предлог-модел на Националната мрежа, за реинтеграција и рехабилитација на жените жртви на насилство, поразговаравме со Ана Аврамоска Нушкова, проектна координаторка во Националната мрежа.

Како генерално го оценувате спроведувањето на Истанбулската конвенција од страна на институциите во Северна Македонија?

Во врска со спроведувањето на активностите кои се предвидени во  Националниот Акциски План за имплементација на Истанбулската Конвенција (2018-2023) генералниот впечаток  е дека овој процес бавно се одвива. 2020 година како година на пандемија ги покажа недостатоците на системот и дополнително ги потенцираше. Институциите работеа со намален капацитет и покажаа недоволна обученост и подготвеност за целосен одговор на родовото базирано насилство во услови на криза. Усогласувањето со стандардите на Конвенцијата не е приоритетно прашање на државата, не посебно во услови на криза. Загрижувачки е и слабата имплементација на активностите кои имаат за цел превенција од насилство врз жени и семејно насилство. Поголемиот број на предвидени активности воопшто не се започнати да се спроведуваат, а дел од нив се во тек или делумно спроведени. Најнизок е делот на целосно спроведени активности  во сите три воспоставени цели од НАП-от. Овие заклучоци се добиени од спроведеното истражување кои Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство го спроведе и објави во декември 2020 Извештајот за напредокот на државата (линк).  Дополнително она што загрижува е дека во оперативните планови на надлежните министерства и институции со кои треба да ги спроведат активностите не е предвиден конкретен буџет за спроведување на истите кој е неопходен, а додека во НАП-от се предвидени само изворите на финансирање кои ја даваат основата, но не го прикажуваат конкретниот буџет (со финансиските импликации како би се следеле трошоците поврзани со имплементација на предвидените активности). Позитивна новина е што во јануари 2021 година Собранието го изгласа новиот закон за заштита и спречување од насилство врз жените и семејното насилство.

Што предвидува новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство?

Новиот закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство е во согласност со Европските стандарди и Истанбулската Конвенција и во него се уредува постапувањето на институциите со должно внимание при преземањето на мерки за превенција од родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство, постапувањето на институциите за заштита на жените од родово-базирано насилство и семејното насилство, меѓусебната координација на институциите и организациите, услугите за заштита на жртвите и собирањето на податоци за родовобазирано насилство врз жените и семејното насилство. Дополнително во поимникот на овој закон се дефинирани и поимите за род, пол, родово-базирано насилство, жена, жртва, родов идентитет, сексуална ориентација, семејно насилство, насилство врз жени, трансродово лице итн.. како и забраната за дискриминација врз сите овие основи. Овој закон ги дефинира „Сексуално насилство и силување“ како секое дело од сексуална природа од страна на кој било дел од телото или предметот врз телото на друго лице без негова/нејзина согласност. Ова е првиот закон што го дефинира овој вид на насилство врз жените преку концептот на согласност. Основни начела на законот се: недискриминација, забрана за виктимизација, поддршка на ранливи жени, соодветно прилагодување за жени со попреченост, родово одговорни политики и зајакнување на жените жртви на насилство. Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство предвидува и воспоставување на специјализирани услуги за помош и поддршка на жените жртви на различни форми на родово базирано и семејно насилство.

Новиот закон ја дефинира реинтеграцијата на жртвите на насилство (член 99), за прв пат во системот на заштита и превенција од насилство врз жени и семејно насилство, каде што преку посебна програма за реинтеграција на жртви на насилство, ќе се обезбедат следниве услуги: привремена домување, психолошко советување, финансиска помош специјално наменета за жени жртви на насилство, можности за образование и обука од различни области, како и помош при вработување.

Овој закон започна да се применува од 06.05.2021 година.

Што е реинтеграција и рехабилитација на жени жртви на насилство?

Како што напоменав е новина во законот и преставува континуиран процес кој го спроведуваат државните институции и граѓанските организации чија цел е целосно вклучување/враќање во општеството (интеграција) и опоравување (рехабилитација) на жени жртви на насилство и семејно насилство; Дополнително овој процес значи дека жената која преживеала насилство ќе се рехабилитира и реинтегрира од психолошки, социјален, правен и економски аспект за да ѝ се обезбеди „враќање“ во нејзиното примарно опкружување (семејството и локалната заедница), и во поширок контекст „враќање/повторно вклучување“ во општеството преку обезбедување психосоцијални услуги, правна поддршка, здравствена заштита и економско јакнење. Реинтеграција значи и работа со децата и/или семејството на жената жртва, како и локалната заедница со цел промена на опкружувањето за целосно напуштање на насилната средина и насилниот партнер. Карактеристично за реинтеграцијата и рехабилитацијата е дека преставуваат се клучен дел од справување со насилство врз жени  и семејно насилство, кој настапува откако жената ја напуштила насилната средина или донела одлука за напуштање на насилниот партнер. Како процес настапува по процесот за заштита, иако во пракса ова се процеси кои се надополнуваат и имплементираат заеднички.

Што вклучува Предлог-моделот на реинтеграција и рехабилитација?

Предлог-моделот се темели на 5 столба и го опфаќа привременото домување за жените жртви на насилство кои ја напуштиле насилната средина и тоа сместување во одреден временски период, од 6 месеци до најмногу до 2 години од моментот на напуштање на насилната средина, сè додека не биде целосно интегрирана во општествениот живот. Оваа мерка е насочена исклучиво за жртви кои не се во можност да обезбедат свој дом, немаат сопствено живеалиште, ниту пак може да го користат домот на своите родители. Потоа психолошко советување кое ќе ја подготви жртвата за соочување со нови предизвици надвор на насилната средина, без ризик од бездомништво (времено станбено обезбедена) и во ситуација на задоволени основни егзистенцијални потреби. Финансиска помош каде ќе се направи реална проценка на финансиската состојба на жртвата, и да и биде овозможена финансиска помош, надоместок за основни потреби сопствени и на малолетни деца, кои се под нејзино старателство се до нејзино трајно вработување, а согласно нејзината работна способност и образование. Целта е да ја добие финансиската помош во зависност од нејзините индивидуални потреби. Четвртиот столб се однесува на јавно образование и обука каде по извршена проценка и увид во работната способност на жртвата би се изготвил индивидуален план со цел да и се овозможи соодветно образование или обука и доусовршување во насока на нејзино зајакнување и осамостојување. И помош при вработување односно, да им се овозможи помош при вработување, со изработка на мерки и политики и евиденција за жртви за кои помошта при вработувањето би била примарна, согласно закон, а во соработка со Агенцијата за вработување на РСМ, и секако со помош и насоки дадени од страна на Центрите за социјална заштита и граѓанските организации.

Каква е состојбата во Македонија со реинтеграција на жени жртви на насилство?

Во Р. Северна Македонија сè уште нема стандарди и процедури за сервиси за реинтеграција и реинтеграција на жени жртви на насилство. Само 8 општини имаат алоцирани буџетски средства за специјализирани услуги за жени жртви на РБН и СН, од кои 6 се во Скопје, а само 1 општина обезбедува финансиска поддршка за услуга за реинтеграција и рехабилитација на жени жртви на насилство (Град Скопје). Засега постои само една куќа за отворено домување, раководена од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, поддржана од Град Скопје. Куќата обезбедува долготрајно домување, психосоцијално поддршка, правна помош, економско јакнење со менторство, кариерно советување и помош при вработување.

Преземено од: Портрет Дигитал

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости

Реакција: Платформата за родова еднаквост најостро го осудува говорот на омраза во предизборниот период

Пред почетокот на предизборната кампања за претстојните парламентарни и претседателски избори, Платформата за родова еднаквост ги повикува и партиите и нивните приврзаници да покажат демократски

Реакција: Личното и интимното е загрозено преку дигиталното родово-базираното насилство кое станува сè поопасно!

Злоупотребата и нарушувањето на личниот, интимен простор станува сè поизразено преку дигиталното родово-базирано насилство. Изразуваме особена загриженост и остро реагираме на последните родово-базирани напади во