На 11 април, во Приштина се одржа регионална работилница насловена „Во одбрана на правото да бидам јас“, на која учествуваа граѓански организации од Косово и Северна Македонија. Настанот беше посветен на унапредување на соработката, размена на искуства и зајакнување на застапувањето за политики поврзани со човековите права и заштитата од насилство врз жените.
Во рамки на работилницата се одржа и панел дискусија на тема „Институционален ангажман и застапување за политики – градење сојузници“, на која свое излагање имаше Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Таа ги сподели успешните пристапи и практични искуства од соработката и застапувањето со релевантни институционални чинители во Северна Македонија.
Димушевска се осврна и на клучните предизвици со кои се соочуваат граѓанските организации при работењето со институциите, како и на ефективните тактики за нивно сензибилизирање за прашањата поврзани со насилството врз жените.
„Мораме да применуваме различни пристапи со различни чинители, да создаваме сојузништва со поединци во секоја институција, и на централно и на локално ниво“, истакна Димушевска.
На меѓународниот настан се обратија и францускиот амбасадор во Косово, Н.Е. Оливер Гуеро, како и Ирене Кетоф, аташе во Амбасадата на Франција во Скопје, нагласувајќи ја важноста на регионалната соработка и поддршката за иницијативи насочени кон заштита на човековите права и родовата еднаквост.
Работилницата е дел од активностите поддржани од Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, со цел зајакнување на капацитетите на граѓанското општество и унапредување на институционалниот одговор на родово базираното насилство.









