Различни стилови на воспитување: Во коj се пронаоѓате вие?

Двајцата родители ретко се согласуваат во се’. Добрата вест е дека децата брзо учат кој што мисли, кој ќе ги пушти да се извлечат со нешто и на кого да му се обратат кога имаат одредени проблеми. Вашата задача како родител е да научите да ги почитувате меѓусебните разлики.

Секој човек со себе „носи“ правила и вредности од своето примарно семејство, од семејството во кое се родил и во животот се води по нив и постапува соодветно на нив. Во текот на животот секој човек согласно своето животно искуство гради лични ставови и убедувања. Во односот со својот партнер „влегува“ со сите тие правила, вредности, убедувања и ставови.

Кога станува родител правилата, вредностите, убедувањата за воспитување на детето остануваат со истите корени. Другиот родител, партнер, исто така од своето примарно семејство понел правила и вредности на однесување, стекнал ставови и убедувања, кои повеќе или помалку се разликуваат од оние на другиот партнер/ родител.  

На Линијата за родители добиваме повици од родители кои се жалат дека имаат различен воспитен стил со својот партнер, со другиот родител.

Драги родители, тоа е природно.

Речиси е невозможно двајцата родители да мислат и да се однесуваат исто кон децата. Од друга страна и децата немаат проблем со навикнување на тоа дека секој родител ги прави работите на свој начин; тоа не е збунувачки за нив. „Штетата“ настанува кога родителите се обидуваат да ја надоместат улогата на другиот родител, наместо да бидат тоа што се.

Кога родителите ќе научат да ги вреднуваат своите разлики и да функционираат во склад со нив, родителството станува радост и заедничка одговорност. Ова се однесува и на семејства со разведени родители, семејства каде повеќе генерации помагаат околу воспитување на децата, како и во семејства со двајца родители.

Во продолжение ќе ги наведам различните воспитни стилови и како секој од нив влијае врз развојот на одредени особини и карактеристики кај детето. Можеби заедно со Вашиот партнер да пронајдете каков воспитен стил протежирате и да продискутирате за работите кои се совпаѓаат, како и за разликите кои постојат.

Разликуваме четири родителски воспитни стилови, и тоа:

  1. Попустлив родител – Тој/ таа поаѓа од ставот дека „детето најдобро знае што му треба“; афирмативен е и нежен и го сака и заштитува детето. Ги прифаќа импулсите и поведението на детето и благ е кон нив и не применува казни и забрани. Му ги прифаќа сите желби на детето и нема многу барања од него. Нема контрола врз однесувањето на детето и дозволува детето самостојно да ги регулира сопствените активности. Не му ги предочува своите очекувања на детето. Не поставува јасни граници помеѓу дозволеното и недозволеното, доброто и лошото, како во рамките на семејството, така и во пошироката социјална средина. Не се гледа како единствено одговорен фактор во развојот и воспитувањето на детето. Овој родител воспитува дете кое што не прифаќа НЕ за одговор. Дете кое е пркосно и бунтовно кога го предизвикуваат или кога не може да биде по негово. Дете со слаба контрола на емоциите и темпераментот, лесно фрустратибилно, со слабо внимание и концентрација. Дете кое со тешкотија ги завршува училишните задачи. Може да пројави антисоцијално однесување поради немање прифатени правила и слаб морален развој, да не е прифатено од врсничката група и др.
  • Индифирентен родител – Тој/ таа поаѓа од ставот „јас си имам свој живот и детето си има свој живот“. Тоа е несовесен родител, немарен, безгрижен како во давање нежност, така и во дисциплинирање на детето. Родител кој е насочен кон својот комодитет и не е вклучен во родителството. Неспособен е да ги сфати основните потреби на детето за нега, љубов и поврзаност, а можно е и самиот да бил занемарен како дете или имал проблеми со злоупотреба на супстанции. Овој родител воспитува дете кое има слабо разбирање на границите, анксиозно е, има недоверба кон возрасните, како и ниска самопочит и самодоверба.
  • Авторитарен родител – Овој родител е спротивен на попустливиот родител. Поаѓа од ставот „јас најдобро знам што е добро за моето дете“. Односот на овој родител со детето е еднонасочен, полн со барања и со малку топлина. Настојува да ги обликува, контролира и оценува однесувањето и ставовите на детето, но во согласност со неговиот личен стандард, кој зависи од неговото моментно расположение и потреби. Ја цени и фаворизира слепата послушност. Може да користи казнени, присилни мерки за да го контролира однесувањето на детето. Не ја почитува детската личност, секоја грешка ја коригира преку вградениот страв кај детето. Овој родител не преговара со детето, неговиот збор е „закон“, бидејќи релацијата се заснова врз моќ. Овој родител дава предност на казната и силата наспроти љубовта и комуникацијата. Од овој однос се развива дете кое е анксиозно, повлечено, исплашено и несреќно по природа. Има слаби реакции на фрустрација. Има добар училиштен успех поради страв од казна, додека неуспехот е придружен со вознемиреност. Има тешкотија во остварување и одржување пријателства. Детето може да биде бунтовно кога ќе стане адолесцент и да се идентификува со насилниот родител.
  • Авторитативен родител – Поаѓа од ставот „ние градиме добар однос“. Превзема одговорност за грижа и водство на детето, а воедно го почитува детето, му дава можност да ги изрази своите потреби и ставови. Го поттикнува детето на разговор и поседува вештини на слушање и има емпатија. За овој родител е важна комуникацијата, како и желбите и потребите на детето. Способен е да постави цврста граница, пропорционална со потребите на детето и секогаш е доследен во постапките. Кај детето ги поттикнува креативноста, љубопитноста и самостојноста, но притоа води сметка за неговите емоции. Детето на авторитативниот родител е среќно дете со чувството на сигурност. Контактибилно дете кое се впушта во докажување со аргумент, ги сака правдата и честа и носи сопствени одлуки. Дете со самодоверба и самопочит. Дете со развиена способноста за совладување на предизвикувачки задачи, со добри училишни постигнувања. Ова дете има способност за контрола на емоциите, има добро развиени социјални вештини, способност за остварување и одржување пријателства. Добро реагира на авторитетот на возрасниот ако е проследено со почит и можност за самодокажување.

Кој е Вашиот родителски стил на воспитување? Што би сакале да задржите како вредност, а што би сакале да промените?

И за крај, уште еднаш да си повториме –  двајцата родители ретко се согласуваат во се’. Добрата вест е дека децата брзо учат кој што мисли, кој ќе ги пушти да се извлечат со нешто и на кого да му се обратат кога имаат одредени проблеми. Вашата задача како родител е да научите да ги почитувате меѓусебните разлики. Со тоа ги учите децата и на животни вештини, како на пример дека разликите можат да бидат предност, а не препрека. Исто така, децата учат да го набљудуваат човечкото однесување и да бараат решенија како да ги задоволат своите потреби.

Пишува: Тања Марцикиќ Ивановска, социјален работник, супервизор на Линијата за родители
Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости