Во текот на октомври 2025 година, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство организираше четири работни средби со кандидати за градоначалници и носители на советнички листи во рамки на претстојните локални избори 2025, во општините Куманово, Прилеп, Струга и Битола.
Средбите имаа заедничка тема, цел и формат и беа насочени кон отворање дијалог со политичките актери на локално ниво за унапредување на системот за заштита, поддршка и реинтеграција на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство.
Локални услуги како клуч за ефективна заштита
Во фокусот на дискусиите беше истакната улогата на локалната самоуправа во обезбедувањето достапни, квалитетни и одржливи специјализирани услуги за жртвите на насилство. Беше нагласено дека услугите кои функционираат согласно минималните стандарди на Истанбулската конвенција овозможуваат брз, бесплатен и безбеден пристап до помош и поддршка за жените и децата во секоја општина, но дека нивната одржливост во голема мера зависи од финансиската и институционалната поддршка од локалната власт и надлежните министерства.
Средбите беа можност да се слушнат ставовите на кандидатите за тоа како ќе придонесат за подобра заштита и поддршка на жртвите на насилство во нивните општини, како и да се потенцира потребата овие прашања да бидат јасно вклучени во локалните програми и политики, независно од изборниот исход.
Средбите беа реализирани во соработка со локални граѓански организации, кои имаат долгогодишно искуство во работа со жртви на насилство и во локално застапување:
- Куманово – во соработка со Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово
- Прилеп – во соработка со Здружението за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. – Прилеп
- Струга – со поддршка на граѓанската организација АКВА – Струга
- Битола – со поддршка на тимот на Женски центар за поддршка – Битола.
Овој пристап овозможи средбите да бидат втемелени во локалниот контекст и реалните потреби на заедниците.
На работните средби учествуваа кандидати за градоначалници и носители на советнички листи од повеќе политички партии и коалиции, меѓу кои СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица, ВЛЕН и ЗНАМ, како и независни кандидати и локални иницијативи. Оваа разновидна политичка застапеност придонесе за поширока размена на ставови и отворање простор за градење политичка одговорност и сојузништва околу прашањата за заштита од насилство врз жени и деца.
Серијата работни средби претставува дел од пошироките напори за позиционирање на прашањето на насилството врз жени и семејното насилство како локален политички приоритет, и за поттикнување на континуиран дијалог меѓу граѓанскиот сектор и носителите на одлуки на локално ниво.
Активностите се спроведуваат во рамките на проектот „Институционализирање на квалитетни услуги за рехабилитација и интеграција на жртви од насилство II“, финансиран од Австриската агенција за развој (АДА) со средства на Австриската развојна соработка, а имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.


















