Во просториите на комплексот Етно Село во Куманово одржавме средба со советничките од општините кои се дел од Североисточниот плански регион, на која беа присутни и претставнички од релевантни институции (инспекторки за семејно насилство при СВР Куманово, претставнички од МЦСР Куманово и др.).
Во првиот дел беше презентирана состојбата со насилството врз жени и семејно насилство, односно наодите од анализата што ја спроведе нашата партнерска организација Национален ромски центар, а која беше промовирана во март оваа година. На средбата воведно обраќање имаа претседателката на Советот на општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска и директорката на МЦСР Куманово Александра Арсовска кои ја изразија својата загриженост за состојбата и поддршка за зајакнување на системот на помош за жртвите.
По презентациите, се отвори дискусија за можностите за обезбедување на оддржливост на советувалишниот центар за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство кој го раководи локална женска организација „Мајка“ од Куманово. Во текот на дискусијата советничките беа запознаени со законските можности и обврски кои ги има локалната самоуправа во однос на воспоставување и обезбедување оддржливост на специјализирани сервиси за помош и поддршка на жртви на родово базирано и семејно насилство. Заеднички беше договорено дека првиот чекор е вклучување на оваа ранлива категорија во програмите за социјална заштита на општините.
На средбите беа презентирани и финансиските средства кои се потребни да се обезбеди одржливост на еден советувалишен центар во времетраење од една година.
Средбата е дел од активностите во рамки на проектот: Застапување за обезбедување на специјализирани сервиси за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство“ на Здружението Национален ромски центар во склоп на проектот На пат кон ЕУ: Спречување на насилството врз жените во Република Северна Македонија“ финансиран од Фондацијата Квина тил Квина (Kvinna till Kvinna Foundation), а имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.







