Во текот на Мај и Јуни, тимот на Мрежата во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ спроведе низа работилници со професионалци кои работат со деца во ризик, но и со самите деца во ризик на тема: Зачувување на ментално здравје на деца и адолесценти во ризик.
Имено, работилниците за професионалци беа наменети за вработените во малите групни домови (МГД) односно ЈУ за згрижување деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение (25 Мај) – Скопје, како и за вработените во Центрите за социјална работа кои се старатели на децата од МГД и со наставниците, професорите и стручниот кадар во училиштата каде децата посетуваат настава. Се спроведоа 3 дводневни работилници на кои присуствуваа 48 професионалци од 8 Центри за социјала работа и 7 училишта, како и вработени во МГД. Учесниците имаа можност да работат на теми како:
- Развојни фази во адолесценција и нивното влијание на деца во ризик, деца кои не растеле во семејна средина, деца кои биле жртви на насилство, деца кои биле изложени на ризични ситуации и трауми;
- Видови на приврзување и влијание на преживеаната траума во формирањето на приврзување ;
- Препознавање на знаците кои укажуваат дека е потребна поддршка, видови на комуникација и креирање на безбедна средина за изразување на детето во ризик;
- Животни позиции – формирање на став кон себе и другите и како да им пружиме поддршка на децата во ризик да оформат позитивен став кон себе и околината;
- Специфики на комуникација со деца и адолесценти во ризик и разрешување на конфликти;
- Техники за зачувување на менталното здравје на деца и адолесценти во ризик.
Дополнително, работилниците за деца беа спроведени со 21 дете од МГД, на возраст од 14 до 18 години. Дел од работилниците се одржаа во Граѓански ресурсен центар Скопје, а дел во природа, односно во Маврово. Со децата се работеше на :
- Однос со родителите/семејството со кои се сеуште во контакт;
- Напуштање на куќата и самостоен живот;
- Интимни врски со врсници (љубомора, доверба)
- Меѓусебна доверба, пријателство и поддршка (адолесценти од иста куќа, како и дружење со другите куќи);
- Резилиентност и сл.
Оваа активност се спроведе во рамките на проектот Патот напред: решенија за подобар одговор на потребите за ментално здравје и психосоцијална поддршка за децата и младите во С. Македонија поддржан од УНИЦЕФ.