Во периодот од 2 до 6 март, 2025 година, претставнички на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство учествуваа на 58. сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) што се одржа во Женева. Ова учество претставуваше важен чекор во континуираните напори на Националната мрежа за застапување за правата на жените и девојчињата од Северна Македонија на меѓународно ниво, со фокус на унапредувањето на институционалната отчетност, родово заснованото и семејно насилство, како и почитувањето на стандардите за човекови права согласно меѓународното право.
За време на сесиите, Елена Димушевска, извршна директорка и Ана Аврамоска Нушкова, проектна координаторка на Мрежата, учествуваа на повеќе настани посветени на заштитата на сексуалните и репродуктивни права и справувањето со родово заснованото насилство. Овие настани беа простор за видливост на граѓанскиот сектор, вмрежување со сродни организации и размена на добри практики кои можат да се адаптираат во националниот контекст.
На иницијатива на OHCHR, беа реализирани значајни состаноци со Maria Bascur и Stefania Tripodi, за пошироките стратешки насоки поврзани со Кластерите за родова еднаквост, заштита на женските човекови права и правата на бранителките на човекови права. Нивната поддршка и практични совети се од огромно значење за нашата идна застапувачка работа, особено во делот на вклучување на препораките од механизмите на ОН во националните политики и извештаи. Посебен фокус имавме на препораките од последниот УПР за Северна Македонија, како и за престојното известување на нашата Држава пред ЦЕДАФ.
Со нив ја споделивме загриженоста поврзана со родово базираното насилство и растечката негативна реакција против родовата еднаквост во Северна Македонија, што беше препознаено и во најновите меѓународни извештаи. Во разговорот, исто така, добивме длабински увид во тековната работа на Кластерите во однос на застапувањето за еднаква застапеност на жените, заштитата на женските човекови права, како и унапредување на положбата на жените бранителки на човековите права.
Maria Bascur сподели значајни информации за стратешките приоритети во рамките на нејзиниот Кластер, а Stefania Tripodi ни пренесе искуства и алатки што се користат во борбата против родово базираното насилство, како и во процесот на поддршка на институционалниот капацитет на земјите-членки.
Стекнавме подлабоко разбирање за меѓусебната поврзаност меѓу различните механизми на ОН и за тоа како нашата организација може да го искористи постоечкиот простор за меѓународно застапување. Нивната подготвеност за соработка и понатамошна комуникација е од особено значење за зголемување на влијанието на гласот на граѓанските организации од земји како нашата.
Имавме и продуктивна средба со Viera Pejchal од Работната група за елиминирање на дискриминацијата врз жените и девојчињата (WGDAWG). Разговаравме за можностите за поднесување писма за наводи (Allegation Letters) и други комуникации до државни институции во случаи на системска дискриминација или прекршување на женските права.
Одржавме состаноци со Gali Spasova, чие посредување овозможи директен пристап до релевантни претставници на институциите во Женева, како и со Andriana Zaharova од UN Women Женева, со која разговаравме за зајакнување на комуникацијата помеѓу канцеларијата на UN Women во Скопје и граѓанските организации во земјава.
Одржавме онлајн состанок со Jung Min (Jasmine) Shin, асистентка на Специјалната известувачка за насилство врз жените и девојчињата, во рамки на Канцеларијата за Високиот комесар за човекови права. Средбата беше посветена на разгледување на механизмот за комуникации што стои на располагање за пријавување случаи на повреда на човековите права, како и за потенцијалните прекршувања на меѓународните стандарди преку закони, политики или институционални пропусти.
Во рамки на посетата, остваривме средба и со нашите соработници од организацијата The Advocates for Human Rights, со кои договоривме заеднички идни чекори за подготовка на извештаи во сенка и меѓународно застапување во контекст на насилството врз жените во Северна Македонија.
Посетата на Женева, средбите со високи претставници и присуството на сесиите и тематските настани ни овозможија не само да ги презентираме нашите наоди и приоритети, туку и да поставиме основа за понатамошна соработка со релевантните механизми на ОН. Ова претставува континуитет на нашите напори да ја зајакнеме меѓународната поддршка во борбата против насилството врз жените, преку конкретни застапувања базирани на документирани случаи, правни анализи и теренско искуство.