Препознавање на знаците на насилство и пружање првична поддршка: oбуки за стручните лица во скопските градинки и средни училишта

Бидејќи работат директно со најмладите членови на семејството, стручните служби во образовните установи се исклучително важна алка во навременото откривање и превенцијата на семејното насилство. Затоа, во текот на ноември и декември, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство организираше тридневни обуки за стручните служби од скопските градинки и средни училишта. Нашите неуморни психотерапевтки од Женскиот центар за поддршка – Скопје работеа заедно со 30-тина психолози, педагози, социјални работници, дефектолози, логопеди, специјални едукатори и рехабилитатори за да им помогнат поумешно да ги препознаваат дечињата и адолесцентите кои преживуваат насилство и да им понудат првична психолошка поддршка пред да ги поврзат со соодветните институции и организации. Ова беше текот на обуката:

Ден 1: Поставување на темелите

  • Преиспитување на сопствените ставови околу злоупотребата на деца;
  • Дефинирање и препознавање на знаците на насилство.

Ден 2: Уметноста на лекувањето

  • Проективни техники на арт-терапија за работа со деца;
  • Развој на позитивен пристап инспириран од педагогијата Монтесори;
  • Техники од Гешталт терапијата и пристапот Оукландер за работа со адолесценти;
  • Алатки за проценка на ризикот и степенот на загриженост.

Ден 3: Градење отпорност

  • Практични стратегии за работа со истрауматизирани деца/адолесценти и следење на нивните когнитивни и бихевиорални промени;
  • Училиштето како важна верижна алка во позитивните промени: комуникациски вештини за ефективна соработка со родителите.

Сите три дена од обуката беа зачинети со искуствени вежби: од симулирани разговори со деца и родители, преку прецизни проценки на ризикот на хипотетични ситуации, до длабински студии на случај. Но, обуката не им пренесе само знаење на стручните лица во градинките и средните училишта, туку им всади и длабоко чувство на одговорност и способност за првична заштита на децата.

Обуката беше спроведена во рамките на проектот „Советувалишни центри за жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство“, финансиски поддржан од Град Скопје, а имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости