Препораки за медиумско известување на теми поврзани со родовите прашања

Медиумите имаат клучна и општествено одговорна улога во промовирањето на родовата еднаквост, во деконструкцијата на родовите стереотипи, како и во идентификувањето и превенирањето на родово базираното насилство. Различни извештаи на релевантни граѓански организации и институции со години укажуваат на недостигот од урамнотежена родова застапеност во медиумското известување во Северна Македонија, што особено стана видливо во текот на пандемијата во 2020 година. Традиционалните стереотипи во однос на улогите на мажот и на жената во семејството и во општеството се рефлектираат врз содржините во медиумите, кои понекогаш пренесуваат дури и понижувачки слики за жените. Ова понатаму влијае и врз улогата на жената во различни општествени области, како што се политиката, економијата, па и во секојдневниот живот.

Внатре во редакциите, можеби бројот на новинари и новинарки е речиси изедначен, но затоа на раководните места – од уреднички до менаџерски, како и во сопственичките структури, доминираат мажите.

Затоа, особено е значајно да се подига свеста меѓу уредниците, новинарите и сите медиумски работници за родовите прашања, при што, унапредувањето на знаењата од оваа област, треба да биде континуиран и систематски процес во текот на целата нивна кариера. Тоа ќе придонесе кон промовирање на принципите на родова еднаквост во медиумските содржини, како и кон поголема видливост на темите, проблемите и предизвиците што се однесуваат на родовите прашања. 

Медиумите и медиумските професионалци, пак, почитувајќи ги етичките и професионалните принципи кон кои треба да се придржуваат во нивната работа, имаат клучна улога во борбата против родово базираното насилство и промоцијата на принципите на родова еднаквост.

Подготвените препораки може да послужат како насоки, првенствено за медиумските професионалци, но и за новинарските и медиумските здруженија при евентуални дополнувања на етичката рамка за медиумското известување со специфичен фокус на родовите прашања. Од друга страна, пак, овие препораки може да им бидат од корист и на сите релевантни чинители кои работат во областа на унапредување и интегрирање на принципите на родовата еднаквост во различни општествени сфери.

Документот „ Препораки за медиумско известување на теми поврзани со родовите прашања “  може да се најде на следниот линк.

Овој документ е изработен во рамки на проектот „Со различен диксурс до подобра реалност, медиумите во борбата против родово базирано насилство – зајакнување на медиумската писменост за РБН“, имплементиран од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, во партнерство сo Коалиција Маргини, Национална Мрежа Против Насилство врз Жените и Семејно Насилство во рамки на Регионалната програма на Европската Унија, UN Women Skopje и UN Women „Спречување на насилството врз жените и девојките: Имплементирање на норми – промена на ставови.“

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости