Дали жените имаат еднакви можности за финансиско осамостојување? Со кои предизвици се соочуваат?
Заедно со Здружението за еднакви можности – Мрежа Стела, на 10-ти Октомври 2024г. организиравме панел дискусија на тема „Премостување на јазот во економското зајакнување на жените и девојките во Северна Македонија: Достапни можности, мерки, предизвици и препораки“.
Дискусијата беше фокусирана на сегашните и идните мерки за вработување достапни според Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2024 година, резултати, предизвици и препораки за понатамошно подобрување.
Панелот го започна Наташа Димова од Мрeжа Стела која го презентираше документот за јавни политики, и ги претстави предизвиците со кои се соочуваат жените и девојките во Македонија при вработувањето и при искористување на активните мерки за вработување и/или отпочнување сопствен бизнис.
Сузана Арсовска-Костадинова, претставничка од Министерството за економија и труд, зборуваше за мерките за поддршка на малите претпријатија и сподели колку тие се користат од различните целни групи, додека Павлина Костовска Грујовска, претставничка од АВРМ, ја објасни ефикасноста на активните мерки за вработување. Марија Трифуновска од УНДП истакна важни информации кои секој/а треба да ги знае, со посебен акцент на тоа дека жртвите на насилство не смеат да станат економски жртви и да ја продолжат нишката на зависност.
Катерина Златановска Поповска, кариерна консултантка и тренер за меки вештини, го опиша процесот на терен и објасни како тие им помагаат на жените жртви на насилство да изградат самодоверба и да бидат подготвени за започнување на сопствен бизнис.
Говорничките зборуваа за економските предизвици на жените и девојките во нашето општество, (самохрани мајки, жени земјоделки, жени кои преживеале насилство и други жени со намален пристап кон можности), но исто така и на важноста на менторството и кариерното советување како поддршка за започнување и одржување на сопствен бизнис.
Во неколку наврати беше потенцирано дека е потребен индивидуален пристап при креирање на мерките, земајќи ги предвид специфичните потреби на секоја личност (што всушност е една од препораките од документот).
Сите присутни се согласија дека за реални промени потребен е функционален менторски систем кој ќе трае подолг временски период.
Модераторка на дискусијата беше Елена Димушевска од Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Оваа активности се спроведе во рамките на проектот „Застапување за економско омоќување на жените: Еднаков пристап до можностите за финансиско осамостојување“ како дел од билатералната програма за субгрантирање на женски граѓански организации спроведувана од нашата мрежа со финансиска поддршка од Kvinna till Kvinna Foundation.