Предизвици на стартот на учебната година и како да се надминат

Почетокот на новата учебна година, за учениците означува крај на безгрижното лето и почеток на период исполнет со многу нови предизвици. Нови наставници, професори, нови содржини и задачи, нови пријателства и можности. Сето ова може да изгледа доста застрашувачки, но со малку свесност и подготовка може да му помогнете на вашето дете во овој период на адаптација.

Она што може многу да помогне е правењето на нова дневна рутина. Дајте му можност на вашето дете да ја искреира  структурата на својот ден без вие да наметнувате правила кои тоа ќе треба да ги следи. Секако доколку имате помало дете правете го ова заеднички и вие бидете оној кој насочува и дава сугестии. Доколку имате повозрасно дете ревидирајте го неговиот распоред. Откако сте го направиле сето ова обидете се да го закачите на видно место планот што ќе помогне вашето дете полесно да се потсетува и да ги следи  предвидените активности .

Многу е важно да се обезбеди доволно време за спиење, бидејќи недостатокот на сон го афектира физичкото и емоционалното здравје. Има силно влијание на когнитивните капацитети како што се концентрацијата, фокусот, помнењето, но и на намалување на  мотивација со што се намалуваат училишните перформанси на вашето дете.

Потсетете го во секојдневните активности да остави време за одредена активност која му претставува задоволство и му помага да се опушти и да го намали нивото на стрес.

Дајте време да се усвои оваа нова рутина, не очекувајќи да функционира од првиот ден.

Научете ги вашите деца да користат планер, во кој ќе ги запишуваат сите училишни обврски. Доколку имате мало дете кое штотуку го започнува училиштето на почетокот ова ќе биде ваша обврска. Изградете добра комуникација со наставничката со што ќе си ја олесните соработката која во овој период ќе биде исклучително важна.

Потикнувајте го вашето дете да научи да ги извршува своите обврски на време со што ќе се зголеми чувството на поголема контрола во оваа фаза.

Охрабрувајте го да поставува прашања на наставниците за се што не му е доволно јасно.

Доколку забележите дека вашето дете има потешкотии со одредени предмети помогнете му. Обезбедете надворешна поддршка ако не сте во можност вие да го направите тоа. Вашето дете ќе биде многу помалку под стрес знаејќи дека доколку е потребно може да добие помош и насоки за одредени потешкотии.

Предизвиците во однос на социјалната интеракција се очекува да бидат почести кај адолесцентите. Тие во оваа фаза ќе бидат зафатени со откривање на својот идентитет од една страна и со потребата за прифаќање и идентификација со групата врсници од друга страна.

Ќе биде особено важно да го потикнувате на коникација. Учете го да ги експресира своите чувства. Дајте му можност да споделува со тоа што ќе се воздржувате од критицизам. За да го потикнете да има добра и отворена комуникација со вас обидете се да бидете вклучени во се она што го интересира и е важно за него. Толерирајте ги малите промени, колку вашето дете се чувствува дека е прифатено и не е осудувано, толку ќе има тенденција да се однесува поприфатливо.

Нормализирајте го чувството на анксиозност во овој период, потсетувајќи го дека за кратко време овој период на адаптација ќе помине и ќе стане нивна рутина. Потсетете го на други ситуации во кои се чувствувало слично но за кратко време тоа се надминало.   дека сите се цувствуваат слично во одредени животни ситуации.

Запомнете дека секое дете е уникатно и она што за некого изгледа лесно за друг може да биде извор на анксиозност. Бидете трпеливи и супортивни и секако доколку забележувате дека не сте во можност ова сами да го решите не двоумете се да побарате стручна помош. Промените креираат предизвици, со кои не мора секогаш сами да се справуваме. Така и вашето дете соочувајќи се со предизвиците учи вредна животна лекција со што работи на својот личен раст и развој и за тоа му е потребна вашата помош.

Александра Стојановска, психолог семеен и системски советник и супервизор на Линијата на родители
Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости