“Под површината: Неистражени аспекти на родовото базирано насилство”

Промоција на тематски извештаи за сексуално насилство преку слики и дипфејк и концептот на заедничко родителство

Во Скопје во Х.Мериот, организиравме настан за промоција на 2 тематски извештаи со две панел дискусии: “Заштита на сексуалната приватност во време на нови технологии” и “Спремноста на македонското општество за воведување на концептот на заедничко родителство/старателство”. 

На првиот дел од настанот, авторката Мартина Дранговска Мартинова ги презентираше главните наоди и препораки од тематскиот извештај „Зајакнување на правната заштита од сексуално насилство преку слики и дипфејк технологија“. Говорнички во овој дел беа и Билјана Арсовска – Раководителка на одделение за односи со јавност во Јавното обвинителство на РСМ која ги претстави предизвиците на ОЈО во случаи на сексуално насилство извршено со користење на дигитални технологии и насоки за унапредување на правната рамка, Азамела Чуљевиќ – Началник на ОИЗИ (Одделение за истраги за злоупотреби на интернет при Сектор за компјутерски криминал при МВР) која ги претстави постапувањето и предизвиците на секторот за компјутерски криминал во случаите на сексуално насилство со користење на дигиталните технологии и Проф. Д-р Александра Деановска Трендафилова од Правен факултет Јустинијан Први Скопје и членка на работната група за новиот Кривичен Законик, која ја истакна потребата од дополнување на Кривичниот законик од аспект на регулирање на форми на насилство кои се извршуваат преку новите дигитални технологии. 

По првата дискусија сите присутни се согласија дека е потребно воведување на ново кривично дело за оваа форма на насилство, со кое ќе се предвидат и  соодветни казни за сторителите.

Вториот дел од настанот, започна со тематскиот извештај „Рамнотежа помеѓу заедничкото родителство и најдобриот интерес на детето“ кој го презентираше авторката Наташа Петковска, а дискутираа заедно со Деспина Стојановска – психолог/семеен и системски психотерапевт, која ги изнесе психолошките последици врз развојот на децата во случаи на конфликтни односи помеѓу родителите, Јанаки Митровски – адвокат кој даде осврт на правните аспекти и предизвиците од примената на заедничкото родителство/старателство, посебно во случаи на семејно насилство и досегашната судска пракса и Елена Димушевска – извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство која зборуваше за насилството во семејството и примена на концептот на заедничко родителство – како да обезбедиме соодветна заштита за жените и децата жртви.

Заклучокот од втората дискусија е дека македонското  општество како систем се уште не е подготвено за воведување на концептот на заедничко родителство. Повторно сите присутни се согласија дека ова е исклучително сензитивна тема, за што е потребно широка дебата и други претходни чекори, пред да се почне со примена на ваков концепт.

Модераторка на настанот беше Ана Аврамоска Нушкова, а учествуваа над 50 учесници од различни институции и граѓански организации, пратенички од Собранието на Република Северна Македонија, претставници од Министерство за социјална политика, демографија и млади (Министерството за труд и социјална политика) и Министерството за внатрешни работи.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости

„Под површината: неистражени аспекти на родово базираното насилство“, настан за промоција на тематски извештаи

Настанот се одржа на 24.09.2024г. на кој преку 2 панел-дискусии на различни теми се презентираа 2 тематски извештаи. На првиот панел „Заштита на сексуалната приватност

Со собрани 118 600 денари, Халкбанк реализираше повторна, втора по ред донација за Интервентниот женски фонд за директна поддршка на женската независност

Втора година по ред, Халкбанк директно ги донираше сите средства собрани од продажната изложба и онлајн продажбата на „Фустани со џебови 2.0“, која се одвиваше