Отворен Првиот регионален центар за помош и поддршка на жени и деца жртви на насилство во Вардарскиот регион

Денеска во Кавадарци го отворивме првиот регионален советувалишен центар за помош и поддршка на жени и деца кои се справуваат со родово базирано и семејно насилство. Центарот е отворен во партнерство со Здружението за родова еднаквост „Визија“ од Кавадарци и со финансиска поддршка на општините од Вардарскиот регион: Кавадарци, Росоман, Демир Капија и Неготино. Ова е првото специјализирано советувалиште за жени и деца жртви на насилство во Тиквешката област, и прво регионално советувалиште кои обезбедува услуги за кориснички од 4 општини.

Советувалишниот центар обезбедува бесплатни и доверливи услуги за помош и поддршка на жени и деца кои се справуваат со било која форма на родово базирано и семејно насилство, без разлика дали насилството се случува во моментот кога жената бара помош, или пак се случило во минатото, но оставило последици и предизвици со кои жената тековно се справува. Центарот обезбедува советување за остварување на социјални права, психолошко советување и психотерапија, правна помош и поддршка, упатување и придружување до институции и други организации, како и кариерно советување и менторска поддршка за економско јакнење.

Работното време на советувалишниот центар е 08.00ч. до 16.00ч. секој работен ден.

Контакт: 075/ 480-288 и на zenskicentarkavadarci@yahoo.com.

Работата на советувалиштето може да ја следите на ФБ профилот на Женски центар за поддршка – Кавадарци.

Советувалиштето го носи називот „Женски центар за поддршка – Кавадарци“ и е трет ваков центар во рамките на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, откако во 2021г. беа отворени женските центри во Скопје и Тетово.

Повеќе информации за Женските центри за поддршка се достапни на овој линк.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости