Во секуларна држава, мислењето на Црквата е нерелевантно во креирањето на политиките за родова еднаквост
Платформата за родова еднаквост остро се спротивставува на делувањето на Македонската православна црква против донесувањето на Законот за родова еднаквост и воведувањето на сеопфатно сексуално образование во училиштата.
На трибината организирана во Струмица на 17.03.23 година, и пренесена од повеќе медиуми, епископот Јаков Стобиски заговара против донесувањето на Законот за родова еднаквост и против воведувањето на сеопфатно сексуално образование. Ваквото делување на црквата е антиженско, антихуманистичко и противуставно бидејќи претставува замешување на религијата во донесувањето на законите. Со ваквото делување се напаѓа уставниот поредок според кој Северна Македонија е секуларна држава, што значи дека МПЦ или која било друга верска организација не треба да се впушта во обликување на закони и политики кои не го уредуваат работењето на верските заедници.
Со ваквото делување МПЦ уште повеќе се етаблира како организација која шири мизогинија и се залага за зачувување и реафирмирање на подредената улога на жената во општеството. Епископот оди дотаму што го оспорува самиот термин родова еднаквост! Оттука, логично произлегува заклучокот дека според црквата мажите и жените не се еднакви, па не треба да се донесуваат закони кои ја гарантираат нивната еднаквост.
Идејата дека жените и мажите не се еднакви е во коренот на тврдењето дека борбата за родова еднаквост претставува наметнување на идеологија, наместо природно и уставно гарантирано право на секој човек. Идејата дека родот и полот се бинарни и дека, според тоа, луѓето припаѓаат само на една или на друга категорија (маж или жена), е основата врз која се гради идејата за родова нееднаквост, за дијаметралната спротивност на мажите и жените и за централната улога на мажот во општеството – наспроти помошната улога на жената која се дефинира преку репродуктивната функција.
Црквата не го прави ова без интерес! Афирмирањето и зачувувањето на шовинистичките вредности според кои жените им се подредени на мажите, ѝ овозможуваат на Црквата да ја зацврстува својата политичка и економска моќ, преку ширење религиозни догми, манипулација со стравовите на луѓето и контролирање на политичкиот дискурс. Предупредуваме дека ова делување на МПЦ е загрижувачко и опасно за целото општество. На човештвото му требаа векови за да се ослободи од политичката моќ на клерот кој владееше преку насилство и корупција, вртоглаво богатење на црковните лидери, одржување на моќта преку догми и прогонување на неистомислениците. Кога Црквата си зема за право да се вмешува во одлучувањето за донесување закони, тоа секогаш значи заговарање на решенија кои нејзе ќе ѝ донесат повеќе моќ, наспроти интересите на граѓаните за градење општества во кои се почитуваат еднаквоста и социјалната правда. Користењето на религијата за зацврстување и одржување на привилегиите и политичката моќ претставува религиозен фундаментализам. Слободата на вероисповест не претставува слобода за фундаменталистичко делување! Религиозниот фундаментализам против родовата еднаквост во демократско општество мора да се ограничи за да може да се гарантираат правата на сите граѓани. Жените, мажите, трансродовите луѓе, луѓето со различни родови идентитети не се идеологија, туку луѓе чии права мора да се гарантираат и соодветно да се заштитат.
Платформата за родова еднаквост најостро го осудува и настапот на Венко Андоновски, чиешто учество несомнено беше во улога на верник, а не на универзитетски професор кој нема никаква експертиза во областа на родовата еднаквост! Тоа не го спречи безочно да се вклучи во ширење мизогинија, етикетирање и ширење на пропаганда. Најостро го осудуваме и учеството на избрани претставници во локалната самоуправа и Советот на Градот Струмица, кое го оценуваме како скандалозно, бидејќи со своето присуство му дадоа легитмитет на форумот како база за линчување на активистки и неистомисленци и за поттикнување на омраза, со што се загрозува не само личната безбедност туку и безбедноста и интегритетот на граѓанските организации кои работат на промоција на родовата еднаквост и демократизацијата на државата во процесот на пристапување кон ЕУ. Од една страна, централната власт предводена од СДСМ се обврза да работи на промоција и унапредување на родовата еднаквост и да ја приближи земјата кон стандардите на ЕУ, а од друга, локалната власт во Струмица предводена од истата партија учествува во организирање настани на кои се линчуваат активистки и организации за родова еднаквост и се шират лажни информации.
Феминистичкото движење во Северна Македонија, жените и женските организации со години застапуваат донесување на законодавство кое ќе овозможи воспоставување на суштествена родова еднаквост, кон што треба да придонесе и Нацрт-законот за родова еднаквост. Воведувањето на сеопфатното сексуално образование кое се темели на принципите на човековите права, наука базирана на докази, инклузивност и недискриминација, меѓудругото, е и мерка за остварување на родовата еднаквост за која треба да се зборува со децата и младите уште во најраните години на нивното образование.
Ги поздравуваме напорите на Министерството за труд и социјална политика, како и на меѓународната заедница, вклучително ОБСЕ, Делегацијата на ЕУ и агенциите на ОН кои се застапници за донесување на Законот за родова еднаквост. Бараме Законот за родова еднаквост да се донесе во најкус можен рок, со поддршка од пратенички и пратеници од сите политички партии со што ќе се постигне широк политички консензус за подобрување на еднаквоста и индивидуалните човекови слободи.