Во периодот од 7 до 9 октомври 2025 година, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство спроведе регионална обука за професионалци и даватели на услуги од Југозападниот регион (Струга и Охрид), на тема „Заедничко постапување во случаи на насилство врз жени и семејно насилство“.
Обуката се одржа во хотел Белица, во близина на Струга, и на неа учествуваа 19 професионалци од Центрите за социјална работа – Струга и Охрид, полициската станица Охрид со ОВР Струга, како и 13 претставнички на граѓански организации, што овозможи мултисекторски пристап и размена на искуства.
Обуката беше фасилитирана од Елена Димушевска и Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство и беше структуирана низ осум тематски сесии во текот на три дена. Темите опфатија дефиниции и форми на насилство врз жени со посебен осврт на фемицидите, законската рамка и системот на заштита, пристап фокусиран на жртвата (иницијално интервју, процена на ризик, индивидуален план за поддршка), како и заедничко постапување и координација меѓу институциите преку студии на случај.
Според резултатите од пред и пост тестирањето, беше евидентирано зголемување на знаењата и вештините на учесниците за 16%, при што просечното ниво на знаење се зголеми од 75% на 91%.
Оваа обука придонесе за унапредување на професионалните капацитети, зајакнување на меѓусекторската соработка и подобрување на координираниот одговор во случаи на родово базирано и семејно насилство на локално и регионално ниво.
Активноста се спроведува во рамките на проектот „Институционализирање на квалитетни услуги за рехабилитација и интеграција на жртви од насилство II“, финансиран од Австриската агенција за развој (АДА) со средства на Австриската развојна соработка, а имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.













