Обука за оператор(к)и на Линијата за родители

На 06 и 07 февруари ја организиравме првата дводневна обука за оператор(к)ите кои обезбедуваат услуги на Линијата за родители. Обучувачки беа Дарија Петович Бамбур – супервизорка, и Снежана Милачиќ – координаторка на СОС Родителска линија, која веќе функционира во рамки на здружението на родители од Црна Гора. Обуката се оддржа на онлајн платформата Зоом.

Првиот ден беше посветен на детално разработување и примена на различни принципи и техники на позитивното родителство, како: време еден на еден, важноста од зборување за чувствата,  насоки за родителите како да зборуваат со детето/цата за чувствата со цел поттикнување на емоционалното созревање кај децата и унапредување/зајакнување на врската помеѓу родителите и децата.

Дополнително беше истакната и важноста од користење на пофалби и награди, со примери кои однесувања може да бидат пофалувани и наградувани, начинот на кој е пожелно тоа да се прави, но и како да се даваат/користат позитивни, конкретни и реални инструкции и важноста и придобивките од воведување и одржување на куќни правила рутини.

Вториот ден од обуката беше со фокус на техники за справување со негативни/непосакувани однесувања кај децата, односно беа разгледувани примери кога и како ваквите однесувања може да се пренасочуваат, игнорираат или пак да се применат последици како алатка  во случај на одбивање на предложените промени во  однесувањето. Дополнително операторите беа запознаени и со користење на помирување кај агресивното однесување кај децата, и решавање на конфилкитите во семејството.

Покрај разгледувањето на конкретни принципи и техники и нивна можна примена при обезбедување поддршка на родителите, обучувачките споделија и искуства за унапредување на квалитетот на обезбедената услуга, преку мотивација и континуирано надоградување и следење на работата на операторите, но и позитивна пракса во однос на промоција и зголемување на видливоста на линијата за родители.

Обуката е дел од активностите во рамки на проектот „Воспоставување на национална линија за советување за позитивно родителство“ финансиски поддржан од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, а имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости