Извршната директорка на граѓанската организација Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Елена Димушевска, за порталот Работник, зборуваше за тоа што претставува фемицид, кои се ризик фактори и превентивни мерки за спречување на фемицид, како и даде објаснување за психолошкиот профил на сторители на оваа кривично дело.
Целосното интервју во продолжение:
Работник: Дали може да ни кажете што претставува фемицид и дали луѓето во Македонија доволно се запознаени со терминот фемицид?
Димушевска: Поимот фемицид, најкратко, се дефинира како убиство на жена затоа што е жена. Секако постојат и пошироки дефиниции. Фемицидите се најтешка форма на насилство врз жени и може да се појават во повеќе форми. На пр. Фемицид како последица од семејно и интимно партнерско насилство, убиство на жени и девојчиња во име на „честа“, фемициди поврзани со организиран криминал, намерни убиства на жени во војна, женски инфантицид и родово заснован полово селективен фетицид, убиства на жени поради нивната сексуална ориентација и родов идентитет итн.
Фемицидот најчесто е извршен од маж/и, кој е во блиска врска со жртвата. Наодите од Анализата на фемициди – убиства на жени во Македонија, изработена од Националната мрежа против насилство врз жени, покажуваат дека во повеќе од 60% од случаите, убиството е извршено од страна на актуелен или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого жртвата живеела во заедница. Загрижувачки е и фактот што повеќе од 80% од убиствата се случиле во заедничкиот дом или домот на родителите на жртвата, доколку била отпочната постапката за развод.
За жал овој термин е се уште нов во нашата држава, особено за граѓаните. Националната мрежа по објавување на Анализата, активно работеше на промоција на овој термин и укажуваше на важноста од неговата употреба односно разликата помеѓу убиството како такво, и убиството на жена од интимен партнер. Како резултат на тоа, голем дел од донесувачите на одлуките веќе се запознаени и го користат овој термин.
Работник: Кои се најчестите ризик фактори во Македонија кои влијаат во извршувањето на фемицид?
Димушевска: Причините за овој тип на убиства се наоѓаат во историски нееднаквата дистрибуција на моќ помеѓу мажите и жените, како и во родово заснованата дискриминација. Нееднаквиот пристап и можности кои ги имаат жените, придонесуваат за зголемен ризик од насилство кое може да резултира и со убиство.
Како најзначајни ризик фактори би ги напоменала: постоење на историја на насилство, претходно физичко насилство и закани, одделување од партнерот по период на заедничко живеење, присилен сексуален однос, поседување огнено оружје, посесивност и љубомора кај партнерот, насилство во бременост, демнење, контролирачко однесување и изолација, економска зависност, злоупотреба на алкохол, дроги и други супстанци.
Важно е да се напомене дека, разликата помеѓу убиство и фемицид, односно убиство од интимен партнер, е тоа што кај второво скоро секогаш постои историја на континуирано насилство и злоставување, кое многу често не е ни пријавувано во надлежните институции. Нашата анализа покажа дека само во 20% од случаите насилството било пријавено во институциите (центар за социјална работа или полиција). Во останатите 80% насилството никогаш не било пријавено, иако сведоците во судската постапка изјавиле дека постоеле конфликтни односи помеѓу партнерите, но жртвата не го пријавила насилството поради економската зависност и немањето живеалиште доколку го напушти сторителот.
Работник: Кои се превентивни мерки и активности за спречување на фемицид , односно кои се Вашите препораки за една жртва на родово засновано насилство да се заштити од насилството?
Димушевска: Секое преживеано насилство мора да биде пријавено. Жртвите многу често се надеваат дека ќе престане, и наоѓаат начини да го оправдаат насилното однесување на партнерот. Но она што сите мора да го запомниме е дека насилникот нема да го смени однесувањето и дека се додека жртвата не го пријави, тој само ќе ја зголемува својата моќ и насилството ќе ескалира.
Доколку жртвите се плашат или немаат доверба во институциите, можат да се обратат во некоја од граѓанските организации кои работат на оваа тема и обезбедуваат помош и поддршка за жените жртви на семејно и интимно партнерско насилство. Во организациите ќе ги добијат сите потребни информации, и заедно со вработените во организацијата, ќе направат план за заминување и напуштање на насилниот партнер.
Уште една важен аспект кој би сакала да го напоменам е континуирана посета на психолог/психотерапевт со кој жената/девојката која преживеала насилство ќе работи на надминување на последиците, ќе се едуцира за сигналите за препознавање на насилен партнер, со цел во иднина да го препознае насилството уште на самиот почеток и да ја прекине врската. Психолошката помош и поддршка е многу важен аспект во превенирање на идно насилство и ги охрабрувам сите жени и девојки да посетуваат психолог. Некои од граѓанските организации нудат бесплатна психолошка помош и поддршка за жените кои преживеале насилство или се во ризик да бидат жртви, со што се овозможува оваа услуга и на оние жени и девојки кои поради финансиски причини не можат да си дозволат да посетуваат психолог.
Националната мрежа во февруари минатата година отвори советувалиште за помош и поддршка на жените и девојките кои преживеале насилство, во кое се обезбедуваат бесплатни услуги од правничка, социјална работничка и психотерапевтка.
Броевите на кои може да се јават и да договорат термин се следниве:
Психосоцијално советување и поддршка – 075 255 154
Доколку немаат можност да се јават на некои од броевите, може да ни пишат порака или на телефон, или на ФБ профилот на Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство https://www.facebook.com/glasprotivnasilstvo и ние ќе ги контактираме.
Работник: Кој е психолошкиот профил на сторители на фемицид?
Димушевска: Психолошкиот профил на сторители на фемицид е тешко да се дефинира. Во нашата земја не се направени ваков тип на истражувања. Некои од истражувањата од другите земји укажуваат дека нема специфични индивидуални карактеристики, вклучително трауми од детството или пак психопатологија која ги издвојува сторителите од останатите луѓе. Единствено перцепцијата на родовите улоги се одвоила како фактор кој ги одвојува мажите кои користат насилство со оние кои не го прават тоа.
Сепак, профилот на сторителите на фемициди и воопшто на насилство, зависи од контекстот и општеството во кое растела таа индивидуа, па оттаму е неопходно во нашата држава да се направат вакви анализи и истражувања, чии што наоди секако би користеле при развивање на превентивните мерки за заштита.
Работник: Медиумите како извор на информации имаат голем и пресуден впечаток на јавното мислење, па врз основа на тоа, дали сметате дека е потребно да го променат начинот на пренесување информации, поврзано со фемицид како кулминација на родово засновано насилство? Доколку сметате дека е потребно да се промени начинот на пренесување информации, кои се Вашите препораки?
Димушевска: Секако е неопходно и итно, медиумите да го променат начинот на известување особено пишувањето на сензационалистички наслови како „Семејна драма“ или „Љубовна драма“ итн. При подготовката на статија или известување за случено насилство, мора да се даде приоритет на достоинството, приватноста, доверливоста, сигурноста и безбедноста на жената која преживеала насилство. Исто така мора да постои јасна цел за подготовката на статијата, како и јасна слика за можните последици од нејзино објавување. Осуда на насилството кое е случено како и барање на одговорност од релевантните институции за итно и неодложно постапување и казнување на сторителот треба да биде составен дел на секое известување за насилството.
Анализата на фемициди во еден дел прави и анализа на медиумските објави за убиствата на жени случени во периодот кој е опфатен, 2008 – 2016 година. Главниот заклучок е дека најчесто се користи фактографски јазик, без подлабока анализа на случаите и согледување на потребата за подигнување на свеста за родово базираното насилство. Имено, се користат куси полициски објави со основните податоци за насилството. Скоро никогаш не се одвојува простор во објавите да се укаже на слабоста на системот во превенција и спречување на насилството. Не се користи родово сензитивен јазик и убиствата не се поврзуваат со родово базирано насилство. Во голем дел од објавите се користат шпекулации и непотврдени информации, а со единствена цел привлекување на вниманието на читателот.
Известувањето за родово базираното насилство секогаш било предизвик за медиумите, особено поради тишината која го обвива овој негативен феномен кој има пандемски размери. Но медиумите имаат клучна улога во прекинување на оваа тишина и тоа не само во подигнување на свеста за постоењето на различни форми на родово базирано насилство, туку и во борбата против застарените ставови и митови кои се присутни и поврзани со ова прашање. Во тој поглед, особено значајно е пренесувањето на позитивни приказни на жени кои успеале да се изборат, да ја напуштат насилната средина и да отпочнат нов живот.
Некои предлози за подобрување на медиумското известување на родово базирано насилство се: избегнување на осудувачки јазик, необјавување на детали кои можат да ја стават жената која преживеала насилство во дополнителен ризик, редовна консултација со експерти од областа, прибирање на информации од локални специјализирани сервиси за поддршка на жртви или организации кои работат на темата.
Повеќе препораки и насоки за известување на теми поврзани со родово базирано насилство може да се најдат во Водич во терминологијата за родово базирано насилство за новинари и медиумски работници изработен од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство достапен на следниот линк http://www.glasprotivnasilstvo.org.mk/wp-content/uploads/2018/03/Recnik-za-novinari.pdf
Би сакала и да ги поттикнам сите новинари кои сакаат да пишуваат на оваа тема, да не контактираат и заедно да го дефинираме фокусот на конкретниот прилог. Тимот на Националната мрежа ќе им обезбеди се што е потребно за подготовка на прилогот.
Работник: Дали сметате дека доколку фемицидот биде регулиран како посебно кривично дело во Кривичниот законик на РСМ, ќе влијае во намалувањето на оваа кривично дело?
Димушевска: Висина на казната секако дека може да влијае на намалување на фемицидите. Убиство во семејно насилство како отежнителна околност веќе е дефинирано во Кривичниот законик на РСМ, а се прават напори да се додаде како отежнителна околност и родово базирано и жена како жртва.
Но она што навистина може значајно да ги намали фемицидите, како најтешка форма на насилство врз жени, но и сите други форми, е промена во општеството. Имено се додека вината ја бараме кај жртвата, што таа направила или не направила, како се облекла, што кажала за да го испровоцира насилникот, ниедно законско решение нема да придонесе кон намалување. Повеќе од јасно е кај кого треба да ја бараме вината, а тоа е сторителот на насилството. И согласно тоа, треба да биде изречена и казната.
Непрофесионалноста на институциите, премногу бавните процеси, недовербата, ниските казни, непостоењето на доволно достапни и пристапни сервиси за поддршка придонесуваат кон обесхрабрување на жртвите да го пријават насилството. Непријавувањето и неказнувањето му даваат сила на сторителот да продолжи со насилството.
Преземено од: Работник