Не само во време на кампања, туку секој ден треба да се зборува за насилството врз жените

Денеска, на Меѓународниот ден на човековите права заврши кампањата „16 дена активизам против насилството врз жените и девојчињата“ во која беа вклучени државни институции, невладиниот сектор и странски организации и дипломатски претставништва. Ана Аврамоска Нушкова од организацијата „Глас против насилство“ истакнува дека оваа кампања се одржува првенствено за подигнување на свеста и родово сензитивирање на сите професионалци и за рамноправна вклученост на жените во сите сфери на општеството.

„Заврши кампањата, но против насилството врз жените и штетните обичаи кои владеат во нашето општество треба да се зборува секојдневно. И во петтиот годишен извештај за состојбата со женските права во Западен Балкан издаден од шведската фондација „Квина тил Квина“ се истакнува дека земјава ја ратификуваше Истанбулската конвенција во 2017 година, а во октомври истата година владата усвои Акциски план кој е еден сеопфатен документ кој ги опфаќа сите сфери во општеството за елиминирање, односно против насилството врз жените и девојчиња. Тоа што нас како организација не’ загрижува е тоа што нема финансиски импликации за тоа како ќе се спроведуваат активностите во надлежните институции за успешна имплементација на Конвенцијата.

Имено, секаде каде што имаме буџетски средства, се зборува како за средства од меѓународни тела или донори. Согласно она што е запишано во Истанбулската конвенција, ние имаме зголемување на бројот на центри на згрижување на жени, жртви на семејно насилство – вкупно 11, од кои 8 се со подолготрајно згрижување, додека три се кризни центри“, рече за Утрински брифинг Ана Аврамоска Нушкова од организацијата „Глас против насилство“.

Таа додаде дека се пролонгираше донесувањето на Законот за заштита и спречување на насилство врз жени и семејно насилство а е еден од клучните закони за успешна имплементација на Конвенцијата, односно пружање на директна помош и поддршка на жените жртви на насилство.

Преземено од: Слободна ТВ/ Утрински брифинг

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости