На шестиот марш за женски права се маршираше под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“

Стотици активист(к)и, денеска по повод Меѓународниот ден на жената, се собраа пред Владата на Р.С.Македонија, означувајќи го почетокот на шестиотМарш за женски права, организиран од Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.

Скандирајќи „Сиромаштијата има женско лице“, активистките потсетија дека и покрај тоа што жените се еднаква половина од населението во државата, сѐ уште не уживаат еднакви права во речиси ниту еден аспект од нивните животи, на работа или дома, во политиката и социјалниот живот, а држава во која жените не се вклучени како еднакви, е држава во која нема напредок

„Велиме мајка ми не работи, домаќинка е, велите жена ми, седи дома, не работи. Не! Овие жени работат секој ден! Над 220 илјади жени кои статистиката ги брои како домаќинки и кои се економски неактивни, работат секој ден, но не заработуваат од својот труд. Зависни од приходите на домаќинството, овие жени се постојано под ризик од економско насилство и старост без пензија.“ – велат од Платформата за родова еднаквост.

„За време на ковид-19, видовме кој учи со децата додека училиштата се затворени, видовме кој ризикува да го отпуштат од работа затоа што мора да се грижи за децата додека градинките се затворени. Видовме како се кршат работничките права, видовме како се прават исплати под минимална плата на текстилните работнички, видовме како големите газди ги злоупотребуваат државните субвенции на грбот на работничките и работниците, видовме како се работи прекувремено во преполните погони. Видовме сѐ, освен отчет, зашто во вашите политики жените сѐ уште вредат помалку.“ – додадоа од Платформата за родова еднаквост.

Тие одговорноста ја лоцираат во институциите кои поради отсуството на политики, стратегиски документи и механизми кои го поддржуваат унапредувањето на родовата еднаквост и правата на жените дозволуваат системска дискриминација и насилство, но и во недостигот на родово сензитивни мерки за справување со пандемијата со ковид-19 и на механизми за економско јакнење на жените. Сметаат дека ова, меѓудругото, се должи и на невклученоста на жените во креирањето на политики и мерки, како и во носењето одлуки кои ќе ги земат предвид потребите на сите граѓан(к)и.

Во нивното обраќање, активистките побараа:

  • Усвојување на ефективни политики и мерки за справување со последиците од ковид-19 кои ќе вклучуваат родова перспектива и ќе ги земат предвид потребите на различните категории на жени, маргинализирани и ранливи категории на жени;
  • Зголемено учеството на жените во работните групи кои ги подготвуваат и спроведуваат мерките за одговор на состојбата со ковид-19 и економската криза;
  • Буџет и економски политики за луѓе, а не за бизниси и партии;
  • Функционални инспекциски служби кои спречуваат експлоатација и дискриминација на работничките!;
  • Спречување на понатамошна приватизација на социјалните и здравствените услуги!;
  • Зголемено учество на жените на позициите на носење на одлуки преку воведување на квоти кои предвидуваат најмалку 40 % учество на жените во секое ниво на власт;
  • Итно усвојување на Стратегијата за родова еднаквост 2021-2026 и донесување на Законот за родова еднаквост;
  • Итно усвојување на нов Закон за работните односи кој предвидува заштита на работничките кои работат со договори на определено време за време на бременост, раѓање и родителство, право на заштита за време на бременост, раѓање и родителство за работничките кои вршат неплатена работа и за работничките без формални договори за вработување. Закон кој предвидува и мајчинско, татковско и родителско отсуство, како и право на флексибилен работен ангажман поради обврски за рана грижа за деца или други лица;
  • Креирање и имплементација на нови мерки за вработување кои им се достапни и ги земаат предвид спецификите на сите маргинализирани групи жени, особено Ромките, жените со попреченост, жените-жртви на насилство и самохраните мајки;
  • Итно усогласување на политиките и законите со Истанбулската конвенција, како и со Резолуцијата 1325;
  • Итно усвојување на амандманите во Кривичниот законик за хармонизација со Истанбулската конвенција и сеопфатна заштита на жените од насилство.

По обраќањето на активистките пред Владата, присутните продолжија по рутата до Паркот Жена Борец, каде што со завршни обраќања беше означен крајот на годинешниот марш за женски права.

За крај, активист(к)ите порачаа дека промени мора да има: „Оваа борба и овој ден е на сите нас и тоа за еднаков пристап до социјални и здравствени услуги, за еднаков пристап до јавен превоз и информации, за еднаков пристап на пазарот на трудот, за подеднаква грижа за децата и повозрасните членови во семејството, за родова еднаквост којашто ќе биде видлива на секој чекор и во секое домаќинство и којашто ќе ги извади од сенката жените еднаш засекогаш!“ – завршија тие.

Платформата за родова еднаквост е независна и неформална мрежа на македонски граѓански организации за женски права составена од 27 организации и мрежи кои здружено делуваат во насока на унапредување на родовата еднаквост во Република Македонија.

Со почит,

Платформа за родова еднаквост

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости

Платформа за родова еднаквост: Правото на здравје значи и пристап до легален абортус – и не смее да трпи поради економската криза

Родово праведно општество во кое абортусот ќе биде безбеден, легален и пристапен за сите жени, без стигма и дискриминација – ова е барањето што денес,