Ментална хигиена кај родители

Да се биде родител не е ни малку лесна задача. Секоја фаза на децата носи нови предизвици за соочување и справување како кај самите деца, така и кај родителите, кои се одговорни да му помогнат на детето секоја развојна фаза да ја помине успешно. Тоа може да биде многу често исцрпувачко искуство, бидејќи децата имаат различни потреби и барања. Така, често родителите се чувствуваат под притисок да ги балансираат сите аспекти од својот живот, односно родителството, работата, социјалниот и брачниот живот, а можеби и најмалку време им останува за  својот внатрешн аспект. Затоа е многу важно родителите да одржуваат ментална хигиена и да се грижат за својата добросостојба и ментално здравје, бидејќи со поддржување на самите себе, ќе можат полесно да ги поддржат за своите деца и да се грижат за нив.

Но, пред сè , што е ментална хигиена и ментално здравје?

Кога ќе го слушнеме зборот хигиена, прво нешто на кое што ни текнува се практики поврзани со телесна хигиена, како редовно туширање, миење заби,  миењето на рацете и сл. Додека пак, менталното здравје е целокупната психолошка благосостојба на личноста,  а менталната хигиената се однесува на методите за зачувување на менталното здравје. На овој начин, менталната хигиена е тоа што се прави за да се одржи умот здрав преку едукација, ран третман и проактивно однесување.

Како може да се практикува ментална хигиена?

  1. Практикувајте благодарност – Од моментот на будење, размислете за кои работи сте благодарни денес и почувствувајте ја благодарноста, на пример, за тоа што денес се разбудивте и сте живи, за храната и водата која ја консумирате, за најблиските и сл.
  2. Практикувајте денот да го започнете и завршите со студен туш – Ставајќи секојдневно се во непријатна ситуација и дишејќи низ таа непријатност, ги вежбате умот и телото подобро да се справуват со стресните ситуации во денот. Можете да почнете со топла, па да завршите со ладна вода. Освен тоа, водата не го чисти и освежува само телото, туку и умот.
  3. Култивирајте го конструктивното прифаќање – Научете да ги прифаќате чувствата, физичките работи и ситуациите што не можете да ги промените, па дури и прифатете ги грациозно и истражете други можности и алтернативи. Промената настанува само со прифаќањето на сегашноста.
  4. Визуелизирајте го идеалното јас –  Пред да преземете каква било задача, визуелизирајте се дека ја извршувате успешно. Ако можете да го замислите вашиот идеален исход од предизвикот, тогаш можете да го изградите идеалното јас додека успешно се соочувате со предизвикот и покрај потешкотиите. Оваа техника за визуелизација не треба да се практикува само за големи настани – таа треба да биде дел од вашата секојдневна рутина за ментална хигиена.
  5. Користете позитивни афирмации – Помислете на фраза што ве мотивира, и повторувајте си ја повеќе пати во денот. На почеток може да се чувствувате чудно, но за некое време ќе ја програмирате вашата потсвест да ја асоцира фразата со возбуда или воздигнувачко чувство,  кое ќе ве мотивира да се справите во секојдневните задачи.

Исто, практикувајте двојна доза на афирмации, односно, кога ќе ви дојде негативна мисла, кажете си две позитивни.

  • Заменете го негативното однесување со позитивно – Наместо да си кажувате на себеси да престанете со некое однесување, сконцентрирајте се кон навиката со која сакате да го замените и вежбајте да останете доследни со таа замисла и правете ја истата работа секојпат кога ќе изгубите фокус.
  • Медитација – Oваа практика е често користена и истражувана,  многу e  корисна за целокупнaта благосостојба. Само затворете ги очите и набљудувајте го дишењето и мислите што доаѓаат. Можете и да истражувате различни видови на медитација според Вашите потреби.
  • Физичка активност –  Раздвижете се после станување од кревет, дури и 5 минути, ќе направат голема разлика. Во оваа активност можете да ги вклучите и децата и партнерот. Најдете различни начини на коишто можете да се раздвижите во било кое време од денот, на пример јога, пилатес, велосипед или пуштете музика и танцувајте.
  • Здрава храна – Истражувањата покажуваат дека храната е тесно поврзана со нашето расположение, практикувајте да јадете свежа храна богата со витамини, антиоксиданти, здрави масти и растителни влакна.
  • Издвојте време за себе/ за хоби – Опуштете се со музика, со свирење на некој инструмент/ пеење, танц, книга или филм, садење растенија, или изразете ја креативноста на ваш начин, преку фотографирање, цртање, готвење.
  • Вежбајте свесност и присутност во сегашниот момент – Практикувајте да ги правите работите свесно, не по навика. Забележувајте какви мисли имате додека сте сами со себе, или какви сензации имате во телото, и како се чувствувате во одредени ситуации. Понекогаш со мислите одиме во минатото или иднината и со тоа најчесто си создаваме  анксиозност и тага. Практикувајте вниманието да го насочувате во сегашниот момент, само тогаш сте вистински присутни, прифакјаќи го секој момент онаков каков што е.
  • Вежбајте одговорност – Одговорноста е способност да одговориме на околината или нашите потреби и чувства. Со одговорноста си даваме слобода да правиме различни избори и да го преземеме животот во наши раце.
  • Водете дневник – Пишувањето е многу моќна алатка, со чија помош можете да ги извадите мислите и чувствата од вас, а притоа да вежбате и свесност за истите. Запишувајте ги мислите, како сте се чувствувале во текот на денот, поради кои причини се појавиле одредени чувства , мисли и сл.
  • Издвојте барем 3 позитивни работи од секој ден – Често знаеме да сме насочени само кон работите кои нè вознемируваат и не ги гледаме или не им придаваме значење дури и на најмалите позитивни работи во денот. Со текот на времето, нашиот ум ќе почне природно да се насочува и да ги помни позитивните работи сè почесто.
  • Одвојте време за пријателите – Во купот од обврски, често забораваме на блиските и нивните потреби, а и на нашата потреба за социјализација и блискост. Некогаш може да ни е доволно и само разговор по телефон, или на камера, а некогаш и средба во живо.
  • Поминете време со партнерот – Разговарајте за тоа што Ви се случува, искомуницирајте ги потребите, мислите и чувствата.   Практикувајте активно слушање, создадете безбедна атмосфера каде што ќе можете отворено да споделувате.
  • Не се плашете да побарате помош – Психотерапијата веќе станува составен дел од нашата денешница и сè повеќе луѓе ги користат благодетите што ги нуди за грижата на своето ментално здравје.

Ова се неколку начини со коишто можете да одржувате хигиена на менталното здравје. Иако овие практики може да варираат од личност до личност, важно е да ги идентификуваме оние кои функционираат за нас и да ги интегрираме во нашето време, секој ден, преку потсетници и практикување, сè додека не станат рутина што ја очекуваме со задоволство.

Родителството е една од најтешките задачи, можеби и една од најодговорните, бидејќи, децата учат од возрасните како да се справуваат со својот психички живот, затоа потрудете се да растат со среќни и свесни родители кои се грижат за сопственото ментално здравје.

Авторка: Елена Василева, психолог и гешталт терапевт под супервизија, операторка на Линијата за родители

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости

Реакција: Платформата за родова еднаквост најостро го осудува говорот на омраза во предизборниот период

Пред почетокот на предизборната кампања за претстојните парламентарни и претседателски избори, Платформата за родова еднаквост ги повикува и партиите и нивните приврзаници да покажат демократски

Реакција: Личното и интимното е загрозено преку дигиталното родово-базираното насилство кое станува сè поопасно!

Злоупотребата и нарушувањето на личниот, интимен простор станува сè поизразено преку дигиталното родово-базирано насилство. Изразуваме особена загриженост и остро реагираме на последните родово-базирани напади во