Кога мама вели ДА, а тато – НЕ!

Живееме во многу динамично време во кое родителството е отежнато и честопати води до согорување на личносниот систем на родителот, но не е важно дали родителот секогаш  „точно“ и „совршено“ ќе постапува кон своето дете, напротив водичот во родителството е секогаш да извлечеме смисла од нашите постапки бидејќи секој може да биде добар родител и го заслужува тоа.

Во родителството постојаст пет златни правила од кои зависи колку и на каков начин детето ќе го постигне својот личен интегритет и ќе израсне во самостојна и целовита личност. Во тој контекст зборувам за воспоставување рамнотежа во:

  1. Усогласување на воспитните механизми и компатибилност во родителските стилови меѓу родителите;
  2. Што и колку бараме од своето дете и колку тоа соодвествува и одговара со неговите развојни постигнувања;
  3. Колку го пофалуваме и наградуваме пожелното однесување, неговите особини и размислувања;
  4. Колку често го критикуваме односно казнуваме непожелното однесување;
  5. Колку и на каков начин воспоставуваме правила и граници во домот и надвор од него;

Усогласување на воспитните механими и компатибилност во родителските стилови меѓу родителите или старателите е првото нешто со кое родителите се соочуват уште при самото раѓање или добивање на детето, во тој период родителскиот стил е ставен на тест при што меѓу партнерите може да се случува сојузништво, раздор или интегрираност во родителските постапки и воспитни стилови. Тоа значи, ако постојат четири основни воспитни стилови: попустлив, индиферентен, авторитарен и авторитативен стил, ваквата спротивставеност или хомогеност може да биде од најраличен вид кој зависи од личноста на родителот, неговиот интегритет, но и од неговите минати искуства и научени родителски вештини стекнати преку своите родители. Се случува родителот да ги преземе дури и оние воспитни методи од неговите родители поради кои и самиот пател/имал потешкотии или оставиле негативни последици врз него.

Од тој аспект најтешкиот начин за усогласување на родителските постапки е дисциплинирањето на децата.

Кога станува збор за поставување на правила во домот тоа изгледа вака: Едниот родител му дозволува на своето дете да јаде долу на под, на кревет и слично со цел само да го изеде јадењето, а пак другиот родител бара јадењето да се одвива исклучиво на трпезариската маса. На тој начин детето учи дека сепак е возможно да прави што сака, односно само да си ги поставува границите во однесувањето, лесно манифестира бес, лутина и тешко се прилагодува кон други или нови правила во друга и поинаква средина како занимална, училница или сл. На родителските советувања родителите со спротивствени мислења или постапки често велат она што детето го прави (непожелно однесување) со мене не го прави со татко му или обратно, па се запрашуваат каде грешиме како родители.

Кога станува збор пак за несогласување на барањата кои ги имаме кон детето тоа би изгледало вака: Едниот родител бара детето секојдневно да е исполнително во домашните задачи од училиште и му го ускратува времето поминато на телефон, другиот родител му одобрува да игра игри на телефон иако не ги завршило домашните задачи за тој ден. На тој начин детето учи да биде неодговорно и лесно да се бунтува кон родителот (авторитетот) кој го поставува барањето.

Во однос пак на барањата кои го засегнуваат развојното ниво на детето, би ги спомнала несогласувањата околу постигнувањето академски вештини. На пример: едниот родител бара и работи бројки и букви со своето три годишно дете, а другиот родител инсистира на игра и спорт. Кај детето се јавува конфузија во интересите и желбата да прави нешто може да резултира со психолошки притисок кој доколку е подолготраен ќе се манифестира во невротски симптом како тик, пелтечење, енуреза итн.

Кога станува збор за пофалбите и критиките, несогласувањата од типот: едниот родител манифестира критички глас, а другиот родител поддржувачки и поткрепувачки глас, за една иста работа, кај детето предизвикува емоционален набој и напнатост, лоша слика за себе, анксиозност или депресивност.

Несогласувањата во користењето казна за непожелното однесување на детето може да изгледа вака: кога детето ќе скрши нешто едниот родител користи физичка казна – удирање, а другиот родител е попустлив и му простува со прегратка, па кај детето се создава чувство на лутина која може да ја преточи во агресивна енергија насочена кон себе или кон другите затоа кругот на насилството почнува во детското срце.

Да се усогласат целосно родителските ставови е тешко, сепак родителите растеле на посебен начин и ги формирале своите ставови постепено под различни околински влијанија, но да ги усогласат приближно до целосно или пак делумно можат и тоа преку:

  1. Отворена комуникација за ставовите околу родителството уште на самиот почеток кога го имаат своето прво бебе;
  2. Формирање на приближно иста визија односно начин на кој би го виделе своето дете во иднина како изградена личност со одредени карактерни особини и одлики. На пример, „Наша желба е нашето дете да израсне во срдечно, љубезно, паметно дете.“
  3. Договор и прераспределба за одредени обврски околу грижа и воспитание на детето, на пример едниот родител ќе ги носи децата на вонучилишни активности а пак другиот ќе ги работи училишните обврски со децата;
  4. Едуцирање и тестирање на ставовите околу родителството и воспитните методи;
  5. Работа на сопствениот личен развој.

За крај би го цитирала Гарисон Килор:

„Ништо што правите за децата не е залудно. Се чини дека не не забележуваат, прелетуваат над нашите зборови, не учат од нас, но она што го правиме за нив никогаш не е залудно.“

Христина Стефановска, Психолог за деца и адолесценти и Супервизор на Линијата за родители.

Текстот изворно е објавен на majkaidete.mk

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости